Протестна нота од Русија и персона нон грата за македонски дипломат

Реципрочните мерки што ги најави Русија како одговор на протерувањето нејзини дипломати од триесетина земји, меѓу кои и од Македонија, денеска ги официјализира руското Министерство за надворешни работи по приемот на нивните шефови на дипломатските мисии.

„На 30 март во МНР на Русија беа повикани шефовите на дипломатските мисии на Албанија, Австралија, Германија, Данска, Ирска, Шпанија, Италија, Канада, Летонија, Литванија, Македонија, Молдавија, Холандија, Норвешка, Полска, Романија, Украина, Финска, Франција, Хрватска, Чешка, Шведска, Естонија.

Ним им беше врачена протестна нота и изјава дека, како одговор на неразумните одлуки на овие држави да протераат руски дипломати врз основа на неосновани обвинувања од Велика Британија на адреса на Русија за т.н. „случај Скрипал“, руската страна прогласува за ‘персона нон грата’ соодветен број вработени во дипломатските претставништва на овие земји во Руска Федерација.

Со оглед на фактот дека во последен момент на наведените земји одлучија да им се приклучат Белгија, Унгарија, Грузија и Црна Гора, Русија го задржува правото да преземе одмазднички мерки против овие држави“, се вели во официјалното соопштение на руското МНР.

Со оглед на тоа дека Македонија реши да протера еден дипломат од Амбасада на Руска Федерација во Скопје, за возврат за „персона нон грата“ треба да биде прогласен еден македонски дипломат во Москва. Во моментов во македонското дипломатско претставништво дипломат е само амбасадорот Гоце Карајанов, но дознаваме дека од 1 април требаше да му се придружи уште еден дипломат. Засега нема информација на кој од двајцата би се однесувала мерката, но имајќи предвид дека од Скопје не е протеран амбасадорот Олег Шчербак, може да се очекува идентичен однос и кон Карајанов.

Амбасадата на Македонија во Москва ја покрива и Белорусија.