Проф. Далибор Јовановски: Како Грција ја присвои Античка Македонија

Од окупатор до национален мит – Античка Македонија во почетоците на современата грчка држава, на оваа тема во својата најнова колумна пишува еден од најдобрите познавачи на историските и актуелни односи меѓу Македонија и Грција

Пишува
Проф. Далибор Јовановски

Една од причините за спорот со нашето уставно име кое го има соседна Грција е и историјата. Од Атина постојано се нагласува дека нејзиниот северен сосед ја краде грчката историја, посебно делот кој се однесува на античка Македонија.

Целта на оваа колумна не е да се негира правото на Грција да ја гледа историјата така како што сака и ја доживува, секој има право на свое минато, туку да им покаже на читателите еден интересен процес од минатото. Поточно, како видни грчки интелетуалци гледале на античка Македонија, пред и по создавањето на современата Грчка држава во 1830 година.

Односот на грчките интелектуалци кон античка Македонија во првата половина на 19 век бил далеку од една љубовна приказна. Еден од најголемите грчки преродбеници, човекот кој е, можеби, најзаслужен за вртењето на Грците кон антиката, Адамантиос Кораис, сметал дека античките Македонци биле окупатори на Грција.

Според неговите размислувања, победата на Филип II кај Хајронеа значело губење на грчката слобода. Тој нагласувал дека Грција прво била поробена од Македонците, па од Римјаните и конечно од Турците.

Григориос Палиуротис, исто така значаен грчки интелектуалец, во едно свое дело, напишал дека смртта на Филип предизвикала надеж кај Грците дека тие можеле да ја возобноват слободата.

Овие мисли на грчките интелектуалци биле од поериодот пред создавањето на современата грчка држава.

Во 1830 година, како што веќе напоменав, била создадена новата независна грчка држава, од страна на трите европски големи сили Велика Британија, Русија и Франција.

Кога е во прашање античка Македонија видни и влијателни грчки интелекталци повторно говореле за окупација од страна на античката македонска држава на грчките земји.

Така, првиот ректор на Атинскиот универзитет, Константинос Схинас, забележал дека Грција била владеена од страна на Македонците, Римјаните и Визнатијците.

Влијателниот интелектуалец Николаос Сариполос пишувал дека по битката кај Хајронеа Грција била под ропство.

Јаковос Ризос Нерулос, претседател на Атинското археолошко здружение, на едно отворање на состанок на ова здружение говорел дека Филип ја уништил грчката слобода.

Александрос Суцос пишувал дека античка Грција била жртва на Македонците и Римјаните. Има и многу други примери.

Сепак најинтересен е Константинос Папригопулос, основоположникот на современата грчка историографија, човекот кој е заслужен за вметнување на античка Македонија во грчката историја и идентитет.

На почетокот од својата кариера Папаригопулос сметал дека античка Македонија била освојувач на Грција. Меѓутоа еден настан од јануари 1844 година ја променил сликата за натичка Македонија во очите на Грците.

Тогаш еден грчки политичар, Јоанис Колетис, во Атинското собрание ја промовирал т.н. Мегали идеја (Голема идеја) која значела барање за територијално проширување на малото балканско кралство на сметка на османлиската држава. Во рамките на тие барања била и османлиска Македонија. Но, таму Грците не биле мнозинство, дури ни во областите од османлиска Македонија кои по Балканските војни влегле во составот на грчката држава.

Заради тоа морало да се покаже дека Македонија била историска грчка територија. Затоа и не чуди промената на погледот на Грците за античките Македонци.

Од окупатор и непријател тие станале дел од античкото грчко наследство и неизбежен и цврст дел од грчкиот идентитет. Папаригопулос, кој сметал дека античките Македонци биле окупатори, во 1849 година напишал дека тие биле хибридна раса, мешавина помеѓу Илирите и античките Грци, а неколку години подоцна, во 1853 година, веќе пишувал за нив како за чисти Грци.

Античка Македонија така станала дел од грчката историја, меѓутоа се заборава фактот дека државата на Александар се протегала на три континенти.

Нејзиното наследство е светско, исто како и византиското и османлиското. Во Бејрут баклавата е популарен десерт, исто како и во Каиро, Истанбул, Скопје, Приштина, Солун, Атина. Големите држави и култури не можат да бидат монополизирани, особено не нивното наследство.

п. с.
Со мојот колега и пријател, Војислав Саракински, еден од најдобрите познавачи на античка Македонија на Балканот, пред две години, во Словенија објавивме статија на оваа тема. Статијата е доста читана и нема негативни реакции. Погодете зошто?