Македонските ракометари имаа 4 разлика на полувреме(18-14), 5 на почетокот од вториот дел (21-16), а 27-25 во 58. минута од дуелот број 5 во квалификациите за ЕП, но сепак не успеавме. Како некаков малер да не ни дозволува да славиме иако треба да бидеме и задоволни од нерешениот резултат во Украина бидејќи претходно два пати (Чешка и Исланд) губевме во гостинските натпревари од групата 4.

Денеска во градчето Суми во еден мирен амбиент имавме игра, контрола на средбата од 15. до 59. минута, и се говореше дека ќе славиме. Но голманот на домаќините Чуприна влезе во серија одбрани за да ги врати Украинците, а последната наша шанса за триумф беше во завршните секунди кога Манасков го погоди споменатиот Чуприна.

Чуварот на домаќините , на крајот заврши со 12 интервенции и секако, беше највпечатлив во мечот во салата на државниот Универзитет во Суми, а покрај него во украинскиот состав и Садови даде 7 гола. Кај нас најдобри беа Кире Лазаров со 8 гола, Талевски со 5 и триото Миркуловски, Стоилов, Манасков со по 4 погодока.

В недела во последното коло од групата 4 од квалификациите за ЕП во Хрватска следната година, ние играме со водечката во нашата конкуренција Чешка (20.45, Борис Трајковски) со тоа што сега мора да славиме зошто и реми може да не ни е доволно за една од првите две позиции, а само тие обезбедуваат настап на континенталниот собир.

Резултати-5 коло:

Украина-Македонија 27-27

Чешка-Исланд 27-24

Табела:

Чешка           6(+13)

Македонија   5 (+3)

Украина        5(-8)

Исланд          4(-8)