Македонскиот селектор Раул Гонзалес не го криеше разочарувањето по тешкиот пораз од 31:20 против Шпанија на стартот од вториот круг на Европското првенство за ракометари во Хрватска.

„Немавме никаква шанса на овој меч. Од првата минута бевме катастрофа. Беше јасно дека штом Киро (Лазаров – н.з.) не може да игра, а тој е нашиот клучен играч, не можеме ништо. По 15 минути губевме со седум гола разлика и потоа немавме шанса. Сакам да го заборавам овој меч и да мислам на другите натпревари. Тоа е тоа“, изјави Шпанецот на македонската клупа.

Утре е слободен ден за македонските ракометари, а потоа во два дена ќе одиграат две средби – во вторник од 20:30 часот со Чешка и в среда од 18:15 ч. против Данска.