Секуловска: Ваква влада досега не сум видела

Саркастичен текст на новинарката Биљана Секуловска објавен на порталот Нова ТВ во кој прави вивисекција на односот на владата предводена од СДСМ кон сите оние кои се осмелуваат на било каков начин да ја критикуваат нејзината работа.

“Не е сега најдобриот момент да се критикува Владата на Заев. За било што, за што и да е, не е добро, никако не е во ред. Ова е чувствителни времиња: над глава, како мач ни виси спорот за името со Грција, мора да се мисли на државните интереси пред се, на иднината која е несигурна и кревка, како што е државата. Соземете се господа, мислете на повисоките цели, не на сопствените ниски новинарски страсти.

Не е докрај препорачливо, да не речам воопшто дека постои простор за критика на Владата на Заев. За што и да е, за било што, прегризете го јазикот, исечете ја раката која сака да пишува, одрубете си ја главата да не мисли, дајте ја на најблискиот министер, тој нека се изживува со неа.

Помислете на опасноста, еднакво заканувачка, на можноста дека ако ја критикувате Владата на Заев, дека вие нешто друго посакувате, некој би помислил нешто сулудо, неверојатно, дека сте некој што е со зла намера, ако ја критикувате Владата на Заев.

А тоа не е добро, тоа не е за вас отворен опција, не би смеело да биде, некој да помисли дека сакате да се врати ВМРО-ДПМНЕ. Зарем тоа посакувате, господа? Бидете сериозни, бидете мудри, проникливи, рационални, бидете добога, еднаш со здрав разум, зарем тоа господа вам ви изгледа како можно решение?

Не бидете ситничари, не си дозволувајте сарказам, од каде господа се појави овој цинизам кога сега е најмалку потребен, да почувствувате во градите жежок удар, да ви зоврие во главата, да сака да експлодира како огнена топка, да посакате да ја критикувате Владата на Заев?

Знаете ли колку се болни, убиствени реформите, знаете ли колку време е потребно за нив, натчовечки напор, советници и функционери разни, зелени глави од 34-35 години, некоја година повеќе, помалку, давајте и наддавајте знаење, искуство, години, искуство, господа, нека има, нека не се штеди.

Знаете ли колку време им е потребно да созреат, дајте им време, дајте го сето време на овој свет, дајте им ги навредите, заканите, безобразлукот, ароганцијата на министрите, секретарите, онаа машинерија за односи со јавност, секој што комуницира со вас, се дајте им и замолчете добога.
Нека скокаат над вашата глава кога поставувате прашања, нека врескаат дека ги местите кога прашувате за корупција и конфликт на интереси, наместо да прашувате за реформи, тие за тоа ве чекале.

Меко, благо, подисплашено изгледајте, вежбајте го гласот, нека биде плачлив, покорен, бидете им слуга, пропагандист станете им.
Прашувајте тоа што сакаат да чујат, општо земено и округло, не поставувајте вистински и тешки прашања, не сте за тоа дојдени, господа новинари.

Само гледајте ги и молчете”, пишува Секуловска во колумната на новатв.мк