Снајперот за Заев е нарачан, смета негов поддржувач

    

На Заев може да му се случи истата судбина како онаа на некогашниот српски премиер Зоран Ѓинѓиќ, предупредува политичкиот аналитичар Сашо Орданоски.

Во колумната насловена „Политичко самоубиство?“ тој тврди дека последните случувања со заканите кон новинарот Насер Селмани, цензурата на емсијата КОД на Телма, „продолжените клевети и навреди од пропагандистите на минатата власт“ покажуваат дека слободата, правната држава и демократијата како да губат здив, „за сметка на оние вредности кои подразбираат правење уште повеќе пари и стекнување уште повеќе неконтролирана моќ, без големи обѕири за јавниот интерес“.

Орданоски го повторува своето тврдење дека функционери од претходната власт имаат организирано пара-партиска разузнавачко-оперативна мрежа, која, уверен е тој, – без сомневање – и во стратегиското и во тактичкото функционирање е во дневна координација со владејачкиот „полусвет“ од екипите на СДСМ, а никој ништо сериозно не превзема во врска со тоа.

„Дечкото со подигнатата веѓа, во недостаток на пасош, секој ден ординира во својот мафијашки хотел во центарот на Скопје – во кој, патем биди речено, комотно отседнуваат сите странски политичари и експерти кои буквално нè удавија со заложбите дека Македонија мора да се справи со организираниот криминал и корупцијата во општеството! – опуштено координирајќи ги бројните активности за блокада и поткопување на сите политики на Владата на Заев“ – вели Орданоски.

Убеден дека овие структури подготвуваат контрареволуција во Македонија Орданоски прави параллела со она што му се случи на Ѓинѓиќ.
„Еве, да ви предложам една непријатна теза: БАШ ТАКА, пред 15 години, беше ликвидиран Зоран Ѓинѓиќ во Белград. Тој со судни маки и по цена на голем личен ризик – како и Заев во Македонија – собори од власт еден грд, злосторнички режим, седна на власт со големи амбиции и очекувања во јавноста, но не расчисти со политичките и криминалните екстензии и експозитури на паднатата власт, туку влезе во разни „домунѓавања“ со нив, за да одржи политичка стабилност и да добие што поширока поддршка за реформите; неговите противници, пак, кога сфатија дека најлошото го преживеале без влакно да им фали од главата, се повратија од шокот заради загубената власт, се прегрупираа, веднаш ги реставрираа бизнисите со разно-разни претставници на новата власт на Ѓинѓиќ, наново се окуражија (а пари, патем, имаа во неограничени количества!) и, во суштина, продолжија да го прават она што најдобро го знаеја: криминали, политички ујдурми, валкани медиумски пропаганди, увози-извози, рекети, закани, елиминации, дискредитации… До денот 12 март 2003 година, кога лично на Ѓинѓиќ му го свирнаа куршумот директно в срце! Останатото во Србија е (знаеме каква) историја, а Демократската партија на Ѓинѓиќ речиси веќе и да не постои.

Јас мислам дека снајперот за Заев веќе е нарачан. Јас така би играл, да сум на нивно место. А потоа политичката „оставина“ на Заев ќе се распадне за една недела по неговата ликвидација, со комплетно нова историска интерпретација на „бомбите“, со елиминирање на сите поддржувачи на реформите и со редефинирање на нивните, фамилијарните, „вистински“ заслуги за Македонија. А СДСМ на Заев речиси веќе и да нема да постои“ – поентира Орданоски.