Малината е дудинка со црвена боја и прекрасен вкус, една од најпопуларните дудинки во светот. Богата е со бројни растителни хранливи материи, витамини и минерали кои се есенцијални за одржување на доброто здравје.

Малината има конусоидна форма, тежи од 3 до 4 грама и содржи од 80 до 100 ситни плодови, наредени во кружни слоеви. Иако најчестиот вид малина (Rubus idaeus) има црвено-розова боја, хибридните сорти можат да имаат најразлични нијанси, вклучително: црна, виолетова, портокалова, жолта и бела.

Вкусните малини имаат ниска калорична вредност и мал процент на заситени масти, но се богат извор на растителни влакна и антиоксиданси. Во 100 грама свежи малини има само 52 калории и 6,5 грама растителни влакна.

Свежите малини се одличен извор на витамин Ц, кој е моќен природен антиоксиданс. Во 100 грама свежи малини се содржани 26,2 микрограма витамин Ц. Конзумирањето храна богата со витамин Ц му помага на телото да развие отпорност кон инфективните агенси, да се бори со воспаленијата и да ги собере штетните слободни радикали.
Малините содржат антиоксидантски витамини, како што се: витамин А и витамин Е.

Малините содржат солидна количина минерали, како што се: калиум, манган, бакар, железо и магнезиум. Калиумот е важен дел од клеточните и телесните течности и помага во регулацијата на работата на срцето и крвниот притисок. Манганот се користи во телото како кофактор за антиоксидантскиот ензим супероксид дисмутас. Бакарот е неопходен за создавање на црвените крвни зрнца.
Малините се богати со витамини од Б-комплексот, како и со витамин К. Содржат солидна количина од: витамин Б6, ниацин, рибофлавин и фолна киселина. Овие витамини имаат функција на кофактори во телото, кои помагаат во метаболизацијата на јаглехидратите, протеините и мастите.