Спиете ли мирно УСАИД, Телма и Буба Мара, нов случај на расизам и дискриминација

Американската Агенција за меѓународен развој веднаш да се огради од расизмот и скриената дискриминација на нивниот грантист Бранко Огњановски кој преку социјалните мрежи отворено се потсмева на Ром и промовира расна и етничка омраза нетрпеливост.

Ова го бараат ромски активисти кои инсистираат на анонимност поради страв од реваншизам.

Случајот на кој се повикуваат е сторен од профилот на Твитер Миле Паника кој го користи Бранко Огњановски автор на емисијата Фчерашни вести која се емитува на Телма а е спонзорирана од УСАИД.

Огњановски алијас Миле Паника пред неколку дена поставил слика за ромски новинар кој работи за ТВ 24 Вести со коментар кој според ромските активисти е израз на расизам.

Активистите се чудат како може Огњановски кој што со финансиската помош од УСАИД преку Телма и преку социјалните мрежи има сериозно влијание на јавното мислење, воопшто да се шегува за нечиј изглед особено ако се работи за припадници на ранливи категории граѓани.

“Сунај Сабриоски е современ ромски херој кој што за својот успех во животот сам се изборил без огромна помош од странски организации и без моќна телевизија преку која Огњановски со своите емисии влијае на јавноста и Ромите нема да дозволат поттикнување на омраза и дискриминација ни против него ни против било кој друг член на заедницата.

Граѓанска Македонија за која сите се бориме значи дека никој па ни на шега нема да се злоупотребува нечија физичка мана или етничко и социјално потекло инаку се враќаме во времето кога масовно не нарекуваа “Цигани”, не прогонуваа и најдрско не омаловажуваа, иако голем вакви случаи сеуште постојат.

Алузијата дека на Сунај како Ром повеќе му одговара да биде крадец на банка отколку да биде новинар кој известува за грабеж на банка е навреда не само за Ромите туку за сите граѓани.

За жал, Огњановски ниту ги избриша ваквите коментари ниту се извини, ниту напиша дека се погрешни со што практично се согласи со нив. Тоа што во Фчерашни вести нема ниту еден Ром иако сме познати како луѓе со голем хумор не мора да значи ништо, но сепак дава индикации за проблемот што го има Македонија со односот кон Ромите “, се вели во реакцијата.

“Не сакавме оваа реакција да ја објавиме пред вториот круг од изборите за да не бидеме обвинати за политизација и партизација но пораката мора да биде упатена.

Ако омраза, стереотипи и предрасуди за Ромите шират луѓе како Огњановски кој како грантист на УСАИД и со поддршка на моќна телевизија има посебна општествена одговорност, што станува со другите кои што воопшто не чувствуваат одговорност или немаат обврска да се борат против вакво неприфатливо однесување.

Веруваме дека ниту УСАИД, ниту Телма ниту Буба Мара не се согласуваат со ваква јавна и приватна комуникација на нивни соработник, за жал ниту еден од овие субјекти досега не реагираше на омразата на Твитер.

Огњановски кој се претставува како Миле Паника има финансиска и медиумска поддршка за која сите ромски организации и активисти заедно можат само да сонуваат, што само по себе говори за нивото на демократија и свест и кај граѓаните на Македонија и кај странските донатори кои што и помагаат во земјава.

Шегите за физичкиот изглед на Сунај, неговите уши, фризура или други телесни недостатоци е најнизок вид на расна дискриминација и спротивен на сите меѓународни узанси кои што Македонија ги има прифатено во своето законодавство.

Во нормална држава Огњановски ќе беше веднаш повикан од Јавното обвинителство да објасни што сакал да каже. За жал Македонија сеуште е далеку од нормална држава и лица кои што шират омраза се “почитувани” во јавноста.

Таканаречената “Твитер елита” која исто така преку меѓународни и партиски канали е финансирана со цел да се зголеми нивото на демократија е уште еден доказ дека работите одат во погрешна насока.

Само две лица во коментарот на Огњановски укажуваат на направената грешка од него и од другите коментатори а и тие немаат храброст да му кажат дека прави и расистичко прекршување на законот, веројатно од страв.

Сите останати со своите коментари го поддржуваат и со тоа удираат директно на уставот на РМ според кој сите треба да сме рамноправни.

Нема да побараме од Твитер да ги блокира овие профили затоа што со тоа ќе предизвикаме уште поголеми реакции што не ни е цел. Ние само сакаме како што ние ги почитуваме нашите сограѓани и законите и кон нас да се однесуваат сите на ист начин.

Реакцијата ја испраќаме анонимно затоа што ни е преку глава од нови испрашувања, објаснувања и етничко/национално профилирање а не сакаме ниту одмазда од конекциите или од поранешни вработени на Фчерашни вести кои што сега се дел од тимот за комуникации на владата.

Ако УСАИД, Телма и Буба Мара сметаат дека се е во ред со коментарите на Огњановски и неговите скедбеници нека продолжат со соработката и во иднина и нека го охрабрат да продолжи со ширењето омраза и дискриминација.

Ние знаеме дека многу ќе грешат”, се вели во реакцијата на ромски активисти кои жалат што во 21 век мораат да реагираат на инциденти соодветни за средниот век.