„Трејдинг економикс“: БДП на Македонија годинава со пад од 2,2 отсто

Македонската економија во третиот квартал годинава забележа раст од 0,2 проценти, споредено со -1,8 отсто во вториот и 0 во првиот, па онлајн платформата „Трејдинг економикс“ прогнозира дека Македонија ќе ја заврши годината со пад на бруто домашниот производ (БДП) од 2,2 проценти во однос на 2016 година.

„Трејдинг економикс“, кој обработува повеќе од 20 милиони економски индикатори за 196 земји во светот, за последните три месеца од оваа година на Македонија ѝ предвидува намалување на БДП од 0,6 отсто.

Во третото тримесечје најголем раст е забележан во секторите: трговија на големо и трговија на мало, поправка на моторни возила и мотоцикли, транспорт и складирање, објекти за сместување и сервисни дејности со храна од 9,8 отсто, соопшти Државниот завод за статистика.

Од јули до септември годинава извозот на стоки и на услуги номинално се зголеми за 9,8 проценти, а увозот на стоки и на услуги забележа зголемување од 5,0 отсто.