Турско знаме ќе се вее над Атина, се закани турски партиски лидер

Лидерот на десничарската турска Голема сојузна партија, Мустафа Дестичи, објави дека со помош на Алах турското знаме повторно ќе се вее над Атина, јавуваат грчките медиуми.

Дестичи, кој најави дека неговата партија ќе коалицира со Партијата на правдата и развојот (АКП) на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на следните избори, изрази незадоволство од палењето на турското знаме за време на митингот на неонацистичката грчка партија „Златна зора“.

Тој инсистира грчките власти да ги уапсат виновниците.

„Тоа што го кажуваме на Грците и на грчката влада, е дека тие треба да паметат дека славното, црвено турско знаме, со полумесечина, не толку одамна се вееше нивните територии. Со помош на Алах, ова знаме што тие го запалија и навредија, повторно ќе се вее над Атина“, изјавил Дестичи.