Украина ѝ се придружи на Македонија во чекалницата на НАТО

Северноатланстаката алијанса (НАТО) ѝ додели на Украина статус на земја-аспирант за членство, каков што имаат Македонија, Босна и Херцеговина и Грузија.

„Вратата на НАТО останува отворена за која било друга европска земја во позиција да се обврзе на посветеност и на исполнување на обврските од членството и да придонесе за безбедноста во евроатлантската област. Од 1949 година НАТО се зголеми од 12 на 29 земји преку седум круга проширување. Во моментов четири земји-партнери ги имаат декларирано нивните аспирации за членство во НАТО: Босна и Херцеговина, Грузија, Поранешна Југословенска Република Македонија и Украина“, стои во соопштението од НАТО.

Земјите што претендираат да влезат во Алијансата мора да покажат дека се способни да ги почитуваат принципите на Договорот од Вашингтон 1949 година и да придонесат за безбедноста во eвроатлантската област. Од нив исто така се очекува да исполнат конкретни политички, економски и воени критериуми наведени во Студијата за проширување на НАТО од 1995 година.