Скопје е меѓу 11 града што реномираниот американски весник „УСА тудеј“ ги препорачува за (туристичко) истражување во 2018 година, и тоа како петта наведена дестинација во изборот на 27-годишниот Сал Лавало, еден од најмладите Американци што ги посетиле сите 193 земји-членки на Обединети нации.
„Овој балкански град им нуди на посетителите фасцинантна мешавина на Источна и Западна Европа. ‘Самата прошетка низ градот е како лекција по историја. Изгледа како да има повеќе статуи отколку луѓе’, вели Лавало. ‘Тие навистина се фокусирани на туристите и забавно е да се оди. Секој е навиостина возбуден што сте таму’“, стои во објаснувањето за главниот град на Македонија.
Другите десет градови што се најдоа на оваа листа на „УСА тудеј“ се Баку (Азербејџан), Дили (Источен Тимор), Абу Даби (Обединети Арапски Емирати) и Кигали (Руанда), наведени по тој редослед пред Скопје, како и по него споменатите Бејрут (Либан), Мендоса (Аргентина), Фритаун (Сиера Леоне), Асмара (Еритреја), Баган (Мјанмар) и Константин (Алжир).