Финска и Азербејџан тест-ривали за македонските фудбалери во март

Во рамките на терминот на ФИФА за пријателски натпревари, Фудбалската федерација на Македонија договори две пробни средби на сениорската репрезентација за два месеца во Анталија, прво на 23 март со Финска и четири дена подоцна со Азербејџан.

Во најпознатото приморско летувалиште во Турција, каде што многу македонски клубови одат на подготовки, и избраниците на селекторот Игор Ангеловски ќе тренираат и ќе одиграат два меча по дознавањето на противниците во Лига на нации. Ерменија, Лихтенштајн и Гибралтар ќе им бидат ривали на „црвено-жолтите“ во групата од новоформираното натпреварување, а Ангеловски за цел го постави првото место, кое води на фајнафор-турнир за едно место што обезбедува пласман на Европското првенство во 2020 година.

Македонија има негативен биланс со Финска од една победа (1:0 на пријателски меч во 2002 година во Прилеп) и три порази (0:3 на пријателска во 2001 во Бахреин, како и 0:3 во Скопје и 1:5 во Тампере, двете одиграни во 2005 година во квалификациите за СП 2006 во Германија).

Многу подобар е скорот против Азербејџан, против кој најдобрите македонски фудбалери имаат пет победи (на пријателски – 2:1 во Варна 2000, 3:1 во австриски Вилах 2010, 1:0 во Баку 2011 и 3:1 во австриски Бад Ерлах 2016, како и 3:0 во Скопје 2000 во квалкификациите за СП 2002 во Јапонија и Јужна Кореја) и едно реми (1:1 во Баку во квалификациите за СП 2002).