Црквата „Св. Никола Летен“ – Маврово е поранешна главна селска црква на селото Маврово, која денес главно е потопена од водите на Мавровското Езеро.
Била изградена во 1850. година. Во 1953. година со изградбата на хидросистемот „Маврово“ и Мавровското Езеро, црквата се нашла под вода. Сепак, во поново време, со периодите на суши, црквата се наоѓа на суво и може да се посети.
Иако главно е потопена во водите не езерото, црквата сè уште го има зачувано својот изглед. Самата градба и камбанаријата уште постојат, иако внатрешноста е главно уништена, а покривот е целосно паднат.
Црквата се нашла на врвот на списокот на напуштени цркви во светот од страна на списанието „Хафингтон пост“.

Црквата била изградена од реканските мајстори во 1850. година. 7 година подоцна била завршена, а се градела со мермер и гранит, имала мермерен олтар, вреден иконостас и икони од големиот мајстор Дичо Зограф. Самите жители на селото Маврово кажувале дека во изградбата се користел најквалитетниот камен. Престолните икони биле насликани во 1855. година од видниот мајстор Дичо Зограф. Подоцна на црквата работел и дебарскиот мајстор Мелетиј Божинов

Кон крајот на 1952. година, кога започнало да се исполнува Мавровското Езеро, иконите и другите црковни предмети биле пренесени во малата црква што се наоѓа наспроти потопената. При потопувањето бил заборавен дрвениот иконостас и иконите што ги изработил познатиот мијачки зограф, Дичо Зограф, како и книги и други црковни предмети. Сепак, подоцна биле извадени и конзервирани.
Црквата била потопена од езерото во 1953. година, но денес кога езерото е со намален капацитет (во летниот период), црквата може дури и да се посети.