Александра Ѓуркова, научен советник во Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје, смета дека со Законот за употреба на јазиците изгласан денеска, со кој албанскиот станува официјален на целата територија на Македонија, „се создава паралелен јазичен систем во земјава и се губи кохезивноста на македонскиот јазик“.

„Тоа е една од работите што сметаме дека најмногу ќе биде на штета на македонскиот јазик. Просто како да не се сака да се слушаат мислењата на стручната јавност. Секогаш кога се појавува некоја политичка тема првенствено се става акцентот на тоа како центрите на политичката моќ се поставуваат и што е нивната цел. А стручната јавност, во овој случај правната страна и страната за јазиците, лингвистичката страна, морам да кажам дека останаа тотално занемарени“, изјави Ѓуркова за телевизија Телма.

Токму д-р Ѓуркова и колешката од Институтот, Симона Груевска-Маџоска, во август минатата година до Кабинетот на премиерот Зоран Заев, до Генералниот секретаријат на Владата и до Собранието доставија приговор кон Предлог-законот за употреба на јазиците.

Против Законот за јазиците во оваа форма подоцна се изјасни и академик Катица Ќулавкова.