Кој ги краде парите од луѓето што работат со најранливи категории деца?

До редакцијата на expres.mk пристигна отворено писмо потпишано од триесетина образовни и лични асистенти во кое бараат од Општина Карпош навремена исплата на хонорарите. Покрај ова, тие се жалат дека добиваат намален износ на надомест и наместо договорените 9000 денари, за нивната работа добиваат само 7400 денари.

Во продолжение, интегрално го пренесуваме нивното писмо:

„Врз основа на член 19 во Законот за основно образование кој е донесен на седницата, одржана на 30 јули 2019 година, образовните и личните асистенти се вработуваат на определено работно време, од страна на училиштата со ресурсен центар.

Средствата за образовни и лични асистенти се обезбедуваат од Буџетот на Министерството за образование и наука. Сè тоа пропаѓа во вода, напишано само на лист хартија, без никаква примена.

Ние сме образовни и персонални асистенти кои сме финансирани од страна на УНДП. Секојдневно се справуваме со нови предизвици, работејќи со деца кои на свој начин со своите барања и способности (можности) се посебни. Секој нов ден е нова приказна за нас, за нивните родители и воедно за самите деца. Ние како асистенти се трудиме со сите наши знаења и сили да им овозможиме на децата подобро образование, подобра социјализација со соучениците и секојдневно функционирање во и надвор од училиштето.

Денес е 26-ти ноември, плата нема за никој од нас. Нè гледаат како најниска класа во оваа општество, а имаме тешка работа која нема пауза, зошто детето никој нема да ти го причува. Со парите не е ниту автобуска карта покриена. Од УНДП кажаа дека парите се префрлени неколку месеци унапред, а Богоев ни даде одговор дека проблемот лежи во сметката која е промената од страна на проектот. Замислете, плата за септември стигна сега пред две недели, а каде е октомври!?

Нè лажат со тоа денес, утре, денес, утре… До кога ќе се губи време!? Зарем не се плашите од помислата, дека можеме да се откажеме!? Ама свесни сте дека ги сакаме тие деца и работиме за нив и се соочуваме со нивните болки и страдања во овој гневен образовен систем! Емпатијата кон родителите на тие дечиња ви е рамна на нула. Сакаме плата како секој граѓанин на Р.С.М. Навремена плата, барем тоа остварете го, зошто тоа од вас се бара!“, стои во отвореното писмо.

SHARE