Единаесет илјади Македонци со жалба за идентитетот во ОН во Женева

Вчера во едиштето на Обединети нации во Женева, во пресрет на заседанието на Советот за човекови права, а за време на годишната средба на независни експерти и специјални репортери за човековите права на ОН, беше доставена жалба од граѓаните на Република Македонија, со над 11.000 потписи, за заштита на името на државата, како и на културните права, вклучувајќи ги и јазикот, етничкиот идентитет, националниот идентитет и историјата на македонскиот народ.

Во оваа жалба учествуваа и придонесоа граѓаните на Република Македонија на волонтерска основа, како и голем број невладини организации во Република Македонија и ширум светот.

„Изразуваме голема благодарност на сите оние кои учествуваа во оваа акција за заштита на нашата татковина и на нашите основни човекови права и ги повикуваме сите Македонци низ светот најитно да се активираат во битката и да го пратат следното ОТВОРЕНО ПИСМО на сите можни странски и-мејл адреси, на ‘Фејсбyк’ и на другите социјални мрежи.

ОТВОРЕНОТО ПИСМО може да го преземете на Фејсбук-страницата на Вера Лалчевска, како и на СУМ-Сите за унитарна Македонија, или на интернет страниците: www.wmc-a.com; www.prerodba.org.mk; www.mhrmi.org; www.umdiaspora.org; www.makedonskadiaspora.net“, се вели во информацијата.

Во жалбата и во отвореното писмо пишува дека со преговорите за името директно и флагрантно се нарушуваат основните човекови права и слободи, и се прави злосторства против човечноста на милиони Македонци ширум светот:

Одрекување на правото на самоопределување утврдено како апсолутно право на секој народ, согласно Член 1 од Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права и Меѓународниот пакт за граѓански и политички права;

Отфрлање на достоинството на човекот, според член 1 од Универзалната декларација за човекови права и член 1 од Повелбата за основни права на Европската унија;

Негирање на личниот интегритет, според член 3 од Повелбата за основни права на Европската унија и според член 8 од Европската конвенкција за човекови права;

Дискриминација врз основа на јазикот и националното потекло, како и врз меѓународниот статус на земјата, според член 2 од Универзалната декларација за човекови права;
Одрекување на културните права, според преамбулата и членовите 1, 3, 6 и 15 од Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права;

Намерно уништување на културното наследство, како што е дефинирано во Дел II од Декларацијата на УНЕСКО за намерно уништување на културното наследство;

Понижувачки и нехуман третман согласно Член 3 од Европската Конвенција на Човекови Права и и член 4 од Повелбата за основни права на Европската унија;

Тортура согласно Член 1 од Конвенцијата против тортура и други сурови, нечовечни или понижувачки третмани или казнувањa;

Злосторства против човечноста, согласно член 7 од Римскиот Статут на Судот за меѓународни злосторства;

Геноцид, согласно член 2 од Конвенцијата за спречување и казнување на геноцидни злосторства, и во согласност со член 6 од Римскиот Статут на Судот за меѓународни злосторства.