Шансите за решение на конфликтот со Бугарија се “фифти-фифти”

Мешовитата комисија за историски прашања не испорачува резултати а перцепцијата во Бугарија е дека Договорот за добрососедство не се почитува од македонска страна, а проблемот не е само Гоце Делчев, туку толкувањето на заедничката историја. Ова за Сител го анализира бугарскиот историчар Стефан Дечев.

Според професорот тврдата позиција на бугарската влада делумно се должи и на политичкиот контекст во Бугарија.

„Тоа веќе може да е поврзано со предизборието. Ние најдоцна до март ќе имаме парламентарни избори, ако не и порано. Но во исто време треба да кажеме дека тоа се должи на оценката дека Комисијата не работи и досега не завршила никаква работа.”

За него заминувањето на поранешниот премиер Љубчо Георгиевски е добар чекор, од кој може да зависи и дали ќе има вето во декември.

„Познато е дека поранешниот премиер Љубчо е добар пријател на Бугарија. Јавно во македонските медиуми застапувал позиции за историјата и за минатото кои се доста блиски со позициите кои ги застапува бугарската влада. Сега сме поблиски отколку пред 20 години, а со Договорот за добрососедство сме на добар пат, вели Дечев.

„Вие гледате, имаше и изјави пренесени во македонските медиуми, вклучително и на европратеникот од Бугарија Андреј Ковачев, дека и македонскиот јазик и македонската нација денес се реалност. Тоа пред 20 години од Бугарија не можеше да се чуе. Од друга страна и премиерот Заев изјави дека Гоце Делчев е заеднички херој. Значи поминавме одреден пат. И подобро е со тој Договор и со таа Комисија, отколку без нив”, вели Дечев за Сител

Бугарскиот аналитичар прогнозира дека шансите за вето се 50-50, оценувајќи дека сега е многу тешко да се предвиди дали Бугарија ќе дозволи старт на преговорите во декември.

SHARE