На 12 август денот на затворање на Еуростандард банка, имало дури 149 фирми со ненаплатливи и тешко наплатливи кредити во вкупен износ од околу 55 милиони евра. Ниту една од овие фирми немала платено ниту една рата, а доцнеле со плаќање од неколку стотини до преку 1.300 денови. Земени кредити во стотици илјади до милионски суми во евра.

Вообичаено – се вели во соопштението на Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка – банките бараат вредноста на обезбедувањето да биде повисока од износот на кредитот. Во нашата пракса најчесто покриеноста на кредитот со обезбедувањето е најмалку 120% па нагоре, зависно од видот на обезбедување. Тоа значи приложено обезбедување во износ од 120 илјади евра во парични средства може да покрие кредит најмногу во износ до 100 илјади евра, пренесува Слободен печат.

„Праксата со обезбедувањата за издадените кредити од Еуростандард банка била обратна. Не само што се делеле кредити во стотици илјади или милионски суми во евра кои никогаш не биле исплаќани, туку и обезбедувањето на тие кредити е далеку испод износите на истите и спротивно на интерните политики на банката како и на воспоставената и регуларна пракса на банките во земјава.

Според извештајот од стечајот на банката подготвен од стечајниот управник Душко Тодевски, во такви фирми со поголеми разлики меѓу износот на кредитите и делумното обезбедување се вбројуваат: Екопластик Рисајклинг доо од Скопје (доцни со исплата 803 дена), Југотрејдинг ДН дооел од Струмица (доцни со исплата 363 дена), Багкоп (доцни со исплата 438 дена), Повардарие Шпедиција доо од Неготино (доцни со исплата 864 дена), Ено-Мак дооел од Скопје (доцни со исплата 742 дена), Агромел БВ дооел од Струмица (доцни со исплата 985 дена), Електро-спој дооел од Скопје (доцни со исплата 923 дена) и други.

Воедно, има и околу 60 фирми чиишто земени кредити се покриени единствено со меници како обезбедување, а има и кредити кои немаат никакво обезбедување. Според извештајот на стечајниот управник, такви фирми се: Атв Зеус (доцни со исплата 409 дена), Тете-Ем дооел (доцни со исплата 438 дена), Пинк Флај дооел од Струмица (доцни со исплата 438 дена), Јанев Трејд дооел од Струмица (доцни со исплата 438 дена), Зои Пер Компани дооел од Скопје (доцни со исплата 347 дена), Фероспектар (доцни со исплата 279 дена), Бартон дооел од Кавадарци (доцни со исплата 742 дена), Фероцем Плус дооел од Струмица (доцни со исплата 348 дена), ТП Конта План ХТЦ од Струмица (доцни со исплата 742 дена), Балкан Метал дооел од Скопје (доцни со исплата 530 дена), ТРД ТВ-Канал Вис од Струмица (доцни со исплата 620 дена) и други“, е наведено во соопштението.

„Единствено што остана после затворањето на банката се украдените пари на депонентите сместени во нечии џебови добро познати на раководните лица од банката кои го оркестрирале овој голем криминал и оправдувањата од Народна банка дека тие се направиле што можеле, а сепак се случувал грабеж во континуитет повеќе години наназад.

И едните и другите се учесници во криминалот.

Првите краделе, а вторите ги гледале како крадат, а не направиле ништо конкретно за да ги спречат. На крајот, оштетени сме ние, физички и правни лица депоненти на Еуростандард банка чии лични средства ни се украдени“, се вели во соопштението на Здружението на оштетени штедачи.

ПОВЕЌЕ

SHARE