Празникот Преображение Господово спаѓа во големите празници што ги празнува Светата Христова црква, но и со поголемиот број обичаи и верувања има значајно место во животот на нашиот народ, така што во целокупното празнување следиме повеќе слоја на народната култура.
Треба да се истакне и тоа дека Преображението Христово на планината Тавор се случи непосредно пред неговите страдања. Според некои, овој настан се случил точно четириесет дена пред да пострада, односно пред да биде распнат.Впрочем, целта на Преображението беше да се утврдат учениците во верата дека Тој е Синот Божји и да не се поколебаат од тоа што ќе го видат во тие денови. Според ова тврдење и Преображението треба да се празнува заедно со Велигден или непосредно пред него. Но бидејќи тоа време се совпаѓа со велигденските пости, кога не се празнува торжествено, празникот е пренесен.

Овој датум не е случаен, бидејќи е четириесет дена пред празникот на Воздигањето на чесниот крст (14 септември), кој е како Велипеток. Зборот значи менување на формата бидејќи Христос во тој момент ја промени формата со одредена цел. „Христос во тој час се преобрази, но при тоа не прими ништо што го немаше, ниту се претвори во нешто што не беше, туку на своите ученици им го објави тоа што Он е. Всушност, кога зборуваме за преображение, мислиме на тоа дека ја покажа славата на Своето Божество, кое го држеше невидливо во видливото тело, бидејќи луѓето не можеа да се соочат со тоа.“

Според народното верување, тогаш прв пат во годината се бере грозје и се носи во црквата каде што свештеникот по молитвата го благословува. Во краишта каде што нема грозје се осветуваат други плодови како јаболка, сливи и сл. Овој чин претставува и благодарност кон Господа за сите природни дарови на земјава. На Преображение во црквата се дава нафора и грозје. Тоа не е нафора во вистинската смисла на зборот, туку само благодарност кон Господа за плодовите.

SHARE

Оставете коментар