
„Маж на возраст од 46 години од Тетово го загуби животот во оружениот инцидент денес напладне на крстосницата на улиците ‘Илинден’ и ‘Благоја Тоска’ во Тетово. Властите се во потрага по сторителите: неофицијално има сомнежи дека се упатиле кон Јажинце, кон границата со Косово. Неофицијално, станува збор за судир меѓу две семејства: семејството Терзиу од Тетово и едно семејство од селото Гајре. Досега веќе имало неколку жртви од двете семејства како последица на оружените пресметки.“ – објави ТВ Алсат по денешното убиство во Тетово околу пладнето. Информативниот портал на албански јазик „Без цензура извести: „Жртвата е Ф.Р. (46) од Мала Речица. Тој е пронајден без знаци на живот во возило ‘Фолксваген Голф’ со прострелни рани.“ Инаку, неофицијално, убиството е извршено со автоматска пушка.
Информативната агенција Нетпрес објави: Денеска, на 10.08.2025 во СВР Тетово било пријавено дека во 12.30 часот на крстосница од улица „Илинденска” со улица „Благоја Тоска” во Тетово се случила оружена пресметка меѓу лица од две возила. Притоа се случила и сообраќајна незгода, по што двете возила го напуштиле местото, од кои едното се упатило кон улица „113″, а додека другото во непознат правец. Од сознанија од граѓани и очевидци на местото на настанот добиена е информација дека возилото, кое што се упатило кон ул. „113″ е патничко возило „форд фиеста” со тетовски регистарски таблички. Од извршената проверка било констатирано дека се работи за одјавени регистарски таблички од истото возило, сопственост на лицето Е.М.(19) од с.Гајре, Тетовско.
При преземање мерки на крстосницата од улица „Благоја Тоска” со улица „107″ било пронајдено патничко возило „фолксваген голф” со тетовски регистарски таблички, сопственост на Ф.Р.(46) од Тетово, а во возилото пронајдено е едно починато лице со прострелни рани од огнено оружје. Според информациите, има сомнеж дека убиецот е на возраст од 30 до 40 години. За настанот е формиран тим со кој раководи дежурен јавен обвинител при ОЈО-Тетово и увидна екипа од СВР Тетово.
Во Клиничката Болница воТетово биле пренесени три лица, со повреди од кои едно малолетно девојче од Тетово со повреди од огнено оружје, кое е задржано на набљудување. Другите две лица О.О.(34) и Р.Т. со прострелни рани, како итни случаи се пренесени во Комплексот клиники “Мајка Тереза” во Скопје. „По оружениот инцидент денеска во Тетово, на хирургиските клиники во Скопје се примени четири лица со тешки телесни повреди.“ – информира Министерството за здравство. На КАРИЛ е примен 32-годишен маж со прострелна рана во градниот кош. На Детска хирургија е примено 12-годишно дете со прострелна рана во десната натколеница. На Градна хирургија е примен 37-годишен маж со прострелна рана во градниот кош. На Травматологија е примен 60-годишен маж со скршеница на десната потколеница. Пешакот А.С.(60) од Тетово бил случаен минувач и бил повреден во престрелката од возилата, а потоа бил префрлен во клиниките во Скопје.
МВР има поставено контролни пунктови на влезовите и излезите од Тетово, како и на наплатните станици. Моментно таму има специјални единици.