Македонија

Хаотични сцени во Белград ноќеска на протестите: десеттици повредени и уапсени лица, тепачки, судири со полицијата

Повеќемесечната политичка и социјална криза и протестите, што траат од загинувањето 16 лица по уривањето настрешница на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември лани, се претворија во судири меѓу демонстрантите и поддржувачите на владејачката партија на српскиот претседател Александар Вучиќ.

„Десетици повредени и уапсени лица, меѓу кои и еден хрватски државјанин, гранати со солзавец, туркање со полициски и жандармериски кордони, повремени тепачки и демолирани канцеларии на владејачката партија Српска напредна партија (СНС) ги облежааа третите последователни антивладини протести во Србија кои завршија во петок по полноќ.“ – објави утрово информативната агенција Нетпрес.

Натаму агенцијата известува: Повеќемесечната политичка и социјална криза и протестите, што траат од загинувањето 16 лица по уривањето настрешница на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември минатата година, како што долго време беше предупредувано по собирите пред домовите на партиските и државни функционери и партиски седиште, ескалираа последните денови во судири меѓу демонстрантите и поддржувачите на владејачката партија на српскиот претседател Александар Вучиќ. Третиот ден од протестите донесе илјадници луѓе во околу триесет градови низ Србија во четвртокот навечер, откако поддржувачите на СНС во два града во Војводина гаѓаа со огномет, ракети и разни предмети врз  демонстрантите, кои се собраа пред нивните партиски простории и ги демолираа во вторникот.

Српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ објави по ноќеска по полноќта дека полицијата била подложена на „брутално насилство“ и оти најмалку 42 полицајци биле повредени, најмногу во Белград – 26, седум во Ваљево и девет во Панчево. Уапсени се 37 лица, вклучувајќи и 23-годишен хрватски државјанин, кој, според Дачиќ, ја нападнал жандармеријата. „Толку за фактот дека овие протести немаат никаква врска со надворешни чинители.“ – рече Дачиќ, кој е и заменик-премиер. Српската влада ги нарекува протестите „обоена револуција“ и ги обвинува дека се поддржани и платени од странство.

Дачиќ рече дека апсењата продолжуваат и оти сите, кои ја нападнале полицијата, ќе бидат повикани на одговорност. Многубројни демонстранти беа повредени и во судирите со полицијата, но во моментов нема податоци или проценки за тоа колку од нив побарале медицинска помош. Мнозина се повредени и во тепачки меѓу демонстрантите и поддржувачи на СНС, во кои на двете страни учестуваат лица најчесто маскирани и носејќи качулки. 

Меѓу повредените беше и пратеникот на опозициската Партија за слобода и правда -ССП Пеѓа Митровиќ, кој, според соопштението од ССП и неговото сведоштво, бил нападнат со шипки од десетина „насилници и криминалци од Српската напредна партија“  во четвртокот во 22 часот и бил сериозно повреден. На протестот му укажаа лекарска помош медицински волонтери, поради исеченица на главата и обилно крвавење.

Протестите во четврток вечерта беа обележани и со демолирање на канцелариите на Српската напредна партија во Нови Сад, откако една од нив вечерта кон четвртокот беше запалена. Според извештаите на медиумите, канцелариите на градот и уште два локални комитети на СНС во Нови Сад беа демолирани. Повеќето од помладите демонстранти, кои учествуваа во нападот, беа маскирани со качулки, а во партиските канцеларии од каде што во средата возвратија со огномет кон демонстрантите во четвртокот немаше поддржувачи на СНС.

Претседателот на партијата, Милош Вучевиќ, го нарече нападот „дивјачки“. Српскиот претседател Александар Вучиќ во телефонско интервју за провладината ТВ Информер изјави дека „луѓето и идеите победуваат, а не просториите“ и оцени дека сега „во Европската унија не можеме да се преправаме дека не сме го виделе ова“. 

Репортерите на белградските медиуми објавија дека претежно маскирани млади мажи од редовите на демонстрантите и опозицијата налетувале и ги гаѓале полицајците во кордоните со намера да предизвикаат полициска реакција. Полицијата во Нови Сад и Белград ги потисна демонстрантите по полноќ и ситуацијата се смири. – објави „Нетпрес“.

Најнови вести од: Македонија

Денеска е Богојавление-Водици

И годинава ќе продолжи вековната традиција на положување на крстот во осветените води. Скопската православна епархија при МПЦ-ОА го организира традиционалното осветување на водите на реката Вардар и чинот на положување на Чесниот крст.

Мицкоски до СДСМ: Ако вие се повлечете, друг ќе дојде на ваше место

Запрашан дали СДСМ со неучеството на лидерската средба остава простор Левица да биде главна опозициска политичка партија во Македонија, премиерот Христијан Мицкоски рече дека на политичката сцена и во политичката теорија и пракса празен простор не останува. Ако се повлечете и оставите празен простор некој ќе го запоседне тој простор“, вели премиерот Христијан Мицкоски. „Дали […]

To top