Македонија

Героски објави одговор на 10 лаги на ИРЛ која ја нарекува Лабораторија на лаги и манипулации

Директно обвинување за ширење на лажни вести

Како што најави во саботата новинарот Бранко Героски објави одговор на текст на анонимен автор од невладината организација ИРЛ за кој тврди дека секоја втора реченица е лага.

Героски во одговорот не враќа со шпекулации и навреди како што тоа го прави не потпишаниот текст на ИРЛ туку со анализа на обвинувањата и лагите на невладината организација.

,,Сашка Цветковска и ИРЛ никогаш не биле предмет на мојот посебен интерес. Уште помалку таргет. Иако тие очигледно патат да бидат тоа. Во мојата анализа за еден аспект на истрагата за Кочанската трагедија, јасно лоцирам каде го гледам проблемот – и на истрагата, и на обвинението, а утре тоа ќе биде проблем и на судскиот процес. Од каде тогаш возбудата во редакцијата на ИРЛ?”, прашува Героски според кого во воведот по што наведува кога човек јавно тврди дека некој друг нешто напишал или рекол, најмалку што мора да стори е своето тврдење да го поткрепи со точни и прецизни цитати. Во спротивно, тој човек лаже.

Героски бара читателите сами да ја прочитаат неговата анализа на комуникацијата на младиот газда на дискотеката Пулс со видни личности во СДСМ во која прашува зошто ’свиркачите‘ ги скриле разговорите во кои се спомнуваат Оливер Спасовски, Благој Бочварски, Сања Лукаревска, Бојан Маричиќ и Маринела Тушева?“.

Така секој читател може самиот да го спореди напишаното со тврдењата во коментарот на ИРЛ, во кој лабораторијата за лаги и манипулации на Сашка Цветковска, во одговор на мојата анализа, во насловот ми ја залепи навредливата етикета „кукавичко новинарство“, наведува Героски.

Искусниот новинар дава одговори на навредите и за клеветите во непотпишаниот текст на лабораторијата на Сашка Цветковска, во кој ,,анонимниот автор се надминал себеси и изнел најмалку 10 тврдења кои се комплетни лаги”:

„Истражувачкиот“ анонимус не успеал да ја „истражи“ ни мојата позиција во Плусинфо
Лага број 1: „Бранко Героски … ко-сопственик и главен и одговорен уредник на порталот Плусинфо“.
Не е болест за умирање, ама чудно е како еден „истражувачки“ новинар не успеал да ги утврди најелементарните факти за човекот за кого пишува. Имено, јас не сум ко-сопственик, а не сум ни главен и одговорен уредник на порталот Плусинфо. Во импресумот на порталот јасно и гласно пишува кој е издавач (значи, може да се најде кој е единствен сопственик на удели, бидејќи нема ко-сопственици), кој е управител, кој е главен уредник и која е мојата позиција. Толку ли е тешко тоа да се дознае?

Лага број 2: „За Бранко Героски … трагедијата во Кочани не е јавен интерес“.
Никаде во мојата анализа не е напишана таква бесмислица. Јас само предупредувам дека новинарите често своите стории ги оправдуваат со „недефиниран јавен интерес“.

Инаку, на мене ми е совршено јасно што е врвен јавен интерес во овој случај. На тоа посочувам и во мојата анализа, кога велам дека кочанчани и јавноста треба енергично да бараат Јавното обвинителство својата работа да ја врши чесно, професионално и одговорно. И додавам дека „не е ни чесно ни одговорно тоа (Обвинителството) јавно да лиферува докази од истрагата“. Јавен интерес е и тоа јавноста да знае зошто се прави таа манипулација, пишувам во мојата анализа и потоа одговарам, јасно и гласно, не оставајќи простор за било какви поинакви толкувања: „По лошо завршена работа во истрагата, поради слабостите во обвинението кои сега јавно го критикуваат и некои од бранителите на обвинетите (утре и други ќе кренат глас), поради очекувањето и блиските на жртвите и на повредените да не бидат задоволни од обвинението и од текот на судскиот процес, Јавното обвинителство на чело со Љупчо Коцевски сега се обидува да ја придобие јавноста, со медиумски ’бомби‘, па дури и со обиди да се замолчат адвокати кои се осмелуваат јавно да проговорат за недокваканоста на најновиот ’бисер‘ на творештвото на Љупчо Коцевски и на неговата екипа“.

Секој читател може да процени дали јас не сум разбирал што претставува јавен интерес, како што тврди ИРЛ, или можеби Сашка Цветковска толкува како што неа ѝ одговара. Можеме да дебатираме за тоа прашање, но само со некој што не лаже и не клевети, како ИРЛ. Јавен интерес е со луѓе што лажат, клеветат и навредуваат, да не се водат јалови дебати.

Кој ги овластил „истражувачите“ на Сашка јавно да „вештачат“ делови од доказниот материјал од истрагата за трагедијата во Кочани?

Лага број 3: „… Иако самиот (Героски) во објавата признава дека не ги разбира вештините потребни за истражувачко новинарство“.
Премногу смела изјава за некој кого сум го обучувал да биде новинар, посебно во делот на мојата експертиза (Пишување), при што на некои од денешните „истражувачки“ новинари и на разни други „ѕвезди“ во оваа професија сум им ги откривал „тајните“ на граматиката и на синтаксата, кои вообичаено се совладуваат во основното и во средното образование.

Како и да е … Во мојата анализа прецизно напишав: „Јас не сум ’истражувачки новинар‘ или истражен орган“. И додадов дека „не сум убеден дека јавноста е таа што треба да ја анализира, да ја вештачи и да ја толкува телефонската комуникација која е дел од доказниот материјал“.

Ако „истражувачкиот“ анонимус на ИРЛ, кој го напишал памфлетот против мене, навистина смета дека поседува вештини за вештачење и за толкување телефонска комуникација и на друг доказен материјал од една супер сензитивна кривична истрага, убаво би било да дознаеме за какви вештини станува збор и како ги стекнал, во која образовна институција, со каков сертификат и слично.

Се разбира, би сакал да знам кој им дал овластување на „истражувачите“ на Сашка јавно да „вештачат“ делови од доказниот материјал од истрагата за трагедијата во Кочани.

Ај што лажат, туку и халуцинираат … им се видело дека спомнувам „мрачни сили“

Лага број 4: „… Во истата објава (Героски) тврди дека сторијата за Кочани е ’нарачка‘ од некакви мрачни сили …“.
Анонимниот автор од лабораторијата за лаги и манипулации на Сашка Цветковска не само што лаже, туку изгледа и халуцинира. Никаде во мој текст не пишува дека сторијата на ИРЛ е нарачка од некакви мрачни сили. Можеби на „истражувачките“ новинари малку им се стемнило кога ја прочитале мојата анализа, но таму никаде не се спомнуваат никакви мрачни сили. Општо земено, таа фраза не е дел од мојот вообичаен вокабулар.

За волја на вистината, вака во мојата анализа ја оценувам сторијата на ИРЛ: „И секако, додавам тука дека релациите меѓу клучните актери кои ги анализира ИРЛ се неспорни, та во таа смисла нивната анализа не е неточна“. Ама ете, некому му се стемнило, не читал внимателно што е напишано и сега вреви – мрачни сили, мрачни сили … Да не е тажно, би било смешно.

Лага број 5: „Неговите објави (на Героски) по ништо не се разликуваат од оние на анонимните твитер-профили и контроверзни медиумски ликови како Зоран Буревесник и Марјан Доказ“.
Немам посебен коментар за оваа лага. Освен да констатирам дека станува збор за обична глупавост на авторот.

Кој ќе најде цитат да ја потврди лагата на ИРЛ, нека ми пише, следува награда

Лага број 6: „Бранко Героски тврди дека сторијата се објавила за да се заштитат државниот јавен обвинител и поранешни функционери од СДСМ – Оливер Спасовски, Сања Лукаревска и Благој Бочварски“.
Кој ќе пронајде вакво тврдење во мојата анализа и прецизно ќе го цитира, слободно нека ми се јави и како награда ќе добие – бојлер.

Лага број 7: „… Во истиот текст тој (Героски) тврди дека трагедијата не треба да се истражува, туку да се остави на институциите“.
Анонимусот од ИРЛ не е многу инвентивен, па некои од своите лаги ги преповторува. Инаку, факт е дека секогаш сум тврдел дека институциите, во случајов надлежните истражни органи, требало и треба да ги истражат сите факти и околности на трагедијата во Кочани. Општествена одговорност на медиумите и на новинарите, пак, е да вршат силен јавен притисок врз институциите таа работа да се заврши чесно, професионално и одговорно.

ИРЛ никако да ги преболи утките со Кочо Анѓушев и со Жан Митрев

Лага број 8: „Героски жестоко ги бранеше виновниците за пожарот во модуларната болница во Тетово, каде што лица од интерес беа негови огласувачи … Неговата работа често е посветена на промоција и заштита на моќни луѓе како Кочо Анѓушев, Јордан Камчев, Ратко Димитров, Жан Митрев и други пријатели и огласувачи“.
Се разбира дека е ноторна лага дека сум ги бранел виновниците за пожарот во Тетово. Судот со правосилна пресуда ја утврди вината за оваа трагедија, а јас засегнатите ниту сум ги бранел, ниту сум ги напаѓал. Точно е нешто друго – дека ИРЛ се мачеше за виновник за пожарот да го прогласи бизнисменот Кочо Анѓушев. И точно е дека во две или три анализи објавив конкретни факти и аргументи дека Анѓушев нема вина за трагедијата. Тие факти и аргументи им беа познати и на истражните органи и затоа против Анѓушев не е водена постапка за овој случај. Не е Сашка посилна од вистината. Ги објавив фактите токму заради вистината, иако е точно дека компанијата на Анѓушев се огласува во Плусинфо, а тој ми е и личен пријател.

За разлика од тоа, Плусинфо и јас лично со д-р Жан Митрев, против кого Сашка Цветковска исто така водеше жестока медиумска кампања, немаме деловна соработка. Тоа го знае и агенцијата која ги води пи-ар активностите на Митрев. Наспроти тој факт, кој еднаш јавно ѝ го предочив на Сашка, а ѝ го предочило и одговорно лице на пи-ар агенцијата, лабораторијата за лаги и за манипулации, еве, по кој знае кој пат измислува непостоечки деловни релации меѓу мене и д-р Жан Митрев. Со кого не пријателувам, иако нашата ретка комуникација секогаш била пријателска.

Двете други личности што ги спомнува анонимусот нема да ги коментирам, бидејќи, колку што ми е познато, тие сè уште не биле таргет на „истражувачката“ Сашка Цветковска.

Не сум стручен да ѝ помогнам на Сашка да се ослободи од опсесијата со мене и со Плусинфо

Лага број 8: „ИРЛ, според Героски, e ’лош општествен актер‘ достоен за напад од неговото селективно перо …“
Не знам што точно сакал да каже со ова анонимусот од ИРЛ. Можеби навистина ИРЛ е „лош општествен актер“, но јас тоа ниту сум го рекол ниту сум го напишал. Тоа Сашка полемизира со самата себе …

Лага број 9: „… Героски ниту еднаш не известуваше од протестите во Кочани што говори за неговите вистински мотиви повеќе од сите негови објави за ИРЛ“.
И ова е ноторна лага. Со едноминутно површно пребарување на Гугл, најдов извештаи на Плусинфо за протестите во Кочани од 17 март, од 22 март, од 5 април 2025, од 29 април …

Лага број 10: „ИРЛ нема информации дали Героски, како и претходно Драган Павловиќ Латас, се обидува да ја дискредитира новата епизода од документарниот серијал ’Редакција‘, во која предмет на интерес се и лица поврзани со Плусинфо“.
Оваа лажна вест, спакувана во божемно прашање, содржи две работи: еден мал еготрип на „истражувачката“ Сашка Цветковска и една конструкција која е повеќе од лага.

Целиот одговор на Героски до ИРЛ на Сашка Цветковска на овој ЛИНК

Најнови вести од: Македонија

Нема да се сопре растот на македонската економија со предвремени парламентарни избори, вели премиерот

Јас разбирам дека има политички партии кои освен поделби и националистички испади немаат друга програма, па за да ги мобилизираат своите структури и гласачи, единствено што можат да зборуват е за предвремени избори. И ВМРО-ДПМНЕ убедливо победи со историски резултат на локалните избори во 2021 година, па беше во опозиција 3 години, рече Мицкоски.

Македонија освои награда за „Развивање на темата“ на ЕКСПО во Осака

ЕКСПО 2025 во Осака се одржува под покровителство на Меѓународното биро за изложби, со учество на над 160 земји и организации. Наградите за учесници се доделуваат од меѓународно жири, кое ги оценува павилјоните според четири категории: архитектура, дизајн на изложба, одржливост и развивање на темата – најпрестижната категорија која ја нагласува способноста на павилјоните да ја претстават централната тема на Експото на инспиративен и иновативен начин.

To top