Со изградбата на далноводот Битола – Елбасан стануваме целосно поврзани со сите соседни електроенергетски системи, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски на поставувањето камен-темелник за изградба на 400 киловолтен далновод, долг околу 100 километри, од ТС „Битола 2“ на граничниот премин „Ќафасан“ на македонско-албанската граница.


Министерката Сања Божиновска во својот говор потенцираше:
- „Денеска стоиме пред проект кој ја одбележува иднината на македонскиот енергетски систем. Со 400 kV интерконективниот далекувод ја засилуваме преносната мрежа, го зголемуваме капацитетот за пренос и ја зацврстуваме нашата позиција во регионалните енергетски текови. Овој проект е порака до инвеститорите, дека нашата преносна инфраструктура е подготвена за идната економија и зелена транзиција.“
Проектот не само што ја зголемува сигурноста и стабилноста на електроснабдувањето туку овозможува поголема интеграција на обновливи извори на енергија, поттикнува инвестиции во енергетскиот сектор и го затвора единствениот отворен крак во националниот преносен систем.
Историјата на проектот покажува дека преку стратешки одлуки на МЕПСО, 51,2% од опремата е веќе обезбедена и ќе биде користена од новоизбраниот изведувач, што обезбедува континуитет на инвестицијата и заштита на државниот интерес.

Со оваа интерконекција, Македонија и Албанија го јакнат регионалното партнерство, овозможуваат стабилна размена на зелена енергија и испраќаат јасна порака за доверливост во европските енергетски политики.
Проектот опфаќа изградба на далекувод со должина од 97,5 км на македонска територија, поставен на 269 челично решеткасти столбови, трансформаторска станица во близина на Охрид и далекуводно поле во ТС Битола 2, со рок на извршување од 900 дена (30 месеци).
Проектот е финансиран и поддржан од меѓународните партнери, меѓу кои и ЕБОР и ЕУ, и е примарен дел од регионалниот енергетски Коридор 8. Со неговото реализирање, Македонија го потврдува својот стратешки интерес за модерна, стабилна и зелена енергетска иднина.