Зголемените трошоци за гориво предизвикани од неизвесноста околу Ормускиот Теснец како последица на воените напади на САД и Израел врз Иран и неговиот одговор принудија две од најголемите авиокомпании во Европа, КЛМ и „Луфтханза“, да откажат стотици летови.
Германската „Луфтханза“ до викендот ја приземји флотата од 27 авиони на својата дивизија „Ситилајн“ за деловни летови меѓу европските аеродроми, а холандската КЛМ откажа 160 летови за следниот месец.
Шефот на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) ја предупреди Европа да се подготви за бран од понатамошни откажувања на летови поради недостиг од гориво за авиони.
„На Европа ѝ останаа „можеби околу 6 недели гориво за авиони“, предупреди Фатих Бирол.
Цените на авионските горива во Европа се зголемија за повеќе од 120 проценти од почетокот на војната во Иран.
Земјите од Европската Унија увезуваат од Блискиот Исток околу 75 отсто од горивото за авиони.