Македонија

Тошковски: Законски е невозможно лице без стаж да стане началник – опозицијата свесно манипулира со јавноста

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски преку својот официјален Фејсбук профил остро ги демантираше тврдењата на опозицијата во врска со предложените измени на Законот за полиција, оценувајќи ги како тенденциозни и правно неосновани. Во продолжение, ви го пренесуваме интегрално неговиот став: „Во врска со лажните тврдења и политички инсинуации што денеска ги пласираше опозицијата околу […]

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски преку својот официјален Фејсбук профил остро ги демантираше тврдењата на опозицијата во врска со предложените измени на Законот за полиција, оценувајќи ги како тенденциозни и правно неосновани. Во продолжение, ви го пренесуваме интегрално неговиот став:

„Во врска со лажните тврдења и политички инсинуации што денеска ги пласираше опозицијата околу предложените измени на Законот за полиција, сакам јавно и децидно да укажам дека станува збор за тенденциозно извртување на фактите со цел политичко профитирање, без елементарно познавање на суштината и логиката на предложените решенија.

Предлог-законот не само што не ја отвора вратата за политички распоредувања и унапредувања, туку напротив по првпат воспоставува јасни, недвосмислени и објективни механизми за професионален развој и селекција на раководен кадар во МВР.

Имено, спротивно на тврдењата на опозицијата, законски е невозможно лице без работен стаж да стане началник на Сектор за внатрешни работи. Член 63 став 1 од Предлог-законот за внатрешни работи јасно пропишува дека лице без стаж може да биде распоредено само на најниското по хиерархија работно место во категоријата „извршители“, конкретно на позицијата „помлад“. Дури и во случај кога лицето има претходно работно искуство, но не во својата стручна област, според став 2 од истиот член, повторно е предвидено распоредување само на најниското работно место, што досега не беше случај и бевме сведоци на ситуации каде лица со несоодветно искуство беа директно поставувани на високи позиции во МВР.

Во новиот систем на кариера има само пет позиции во категоријата „извршители“, а преминувањето од едно на друго работно место е ограничено, односно дозволено е скокање максимум две позиции нагоре, што е построга рамка од постојниот закон каде се три позиции. Хиерархијата е прецизно поставена, без простор за произволни толкувања, а дополнително за првпат се предвидува и носење на Листа на сродни области и работи, со што се гарантира прегледност и правична мобилност во системот.

Она што е особено важно е фактот дека за првпат за да се унапреди некое лице во категоријата „раководни работници“, мора задолжително да има завршена обука и положен тест за раководење, услов пропишан во член 104 од Предлог-законот. Овој тест е со елиминаторен карактер и ќе овозможи вистинска селекција според капацитет, а не според политичка волја.

Понатаму, Актот за систематизација веќе го содржи принципот на градација кој подразбира дека за секое повисоко раководно место се бара поголемо работно искуство, согласно хиерархиската поставеност. Без исполнети услови, ниту еден вработен не може да биде унапреден на раководна позиција. Затоа повторувам, тезата дека лица без работен стаж ќе стануваат началници е целосно неточна и правно неоснована.

Во делот за избор на директор на Бирото за јавна безбедност, наместо попуштање се воведува построг критериум. За првпат, во законот јасно се пропишува дека кандидатот мора да има најмалку 12 години работно искуство исклучиво во областа на полициските работи, со што се гарантира дека на оваа клучна функција може да биде назначен само човек со длабоко професионално искуство во полицијата.

Во однос на воведувањето функција заменик-директор на Бирото за јавна безбедност, се работи за системско решение со јасна и рационална цел за обезбедување континуитет во раководењето и непречено функционирање на институцијата во ситуации кога директорот е отсутен или спречен да ја извршува својата функција. Ова не е политичко назначување, ниту дуплирање на овластувања туку воспоставување на здрав и ефикасен управувачки механизам, кој е вообичаена пракса и во други комплексни институции. Во услови на зголемени предизвици за јавната безбедност, важно е да се обезбеди институционална стабилност.

За секоја сериозна правна анализа, елементарен пристап е законот да се чита како целина, а не преку изолирано вадење на поединечни одредби. Правната норма не се чита изолирано, туку во контекст на целиот закон и неговата нормативна структура. Искрено зачудува како некој се обидува да извлече конечни правни заклучоци од еден член, без да ја согледа системската поставеност, меѓусебната поврзаност на нормите и суштинската логика на законското уредување. Таквиот пристап не само што е правно неточен, туку неминовно води кон погрешни, а често и манипулативни интерпретации.

Најнови вести од: Македонија

Донесени законите за судската и јавнообвинителската служба – значаен исчекор кон зајакнување на нивната самостојност, професионалност и ефикасност

Министерството за правда информира дека Собранието денеска ги донесе Законот за судска служба, еден од најзначајните реформски законски решенија во областа на правосудството усогласен со Реформската агенда и Развојната секторска стратегија за правосудство 2024–2028, како и Законот за јавнообвинителска служба со што се прави значаен исчекор кон зајакнување на самостојноста, професионалноста и ефикасноста на јавното обвинителство. Со донесувањето на Законот за судска служба се надминуваат долгогодишните системски слабости на постојното законско решение и се создаваат услови за поефикасно функционирање на судовите, преку јасно препознавање на специфичната улога на судските службеници во судската власт.

Од 1 јули целосна забрана за движење во шумите низ Македонија

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја известува јавноста дека согласно насоките од Владата како и барањата од корисниците на шумите – ЈП „Национални шуми“ и Националните паркови кои управуваат со заштитените подрачја, даде согласност за воведување на целосна забрана за движење во шумите и шумското земјиште.

Сторители на тешки кривични дела ги изиграле системот и судовите и со коруптивни лажни вештачења за нарушено здравје сместени во психијатриски установи!

Националниот превентивен механизам (НПМ) при Народниот правобранител, при контролата на психијатриската болница „Демир Хисар“ во декември 2025, затекнал 20-ина осуденици сторители на кривични дела кои не се со психичка болест, туку се здрави и пресметливи, но го изиграле системот и судовите преку коруптивни вештачења за нивно наводно нарушено здравје.

Македонија доби пристап до 4,4 милијарди евра од здравствените фондови на ЕУ – можност за приближување до европските стандарди и политики.

Македонија доби пристап до фондовите за здравство од 4,4 милијарди евра на Европската Унија (ЕУ). Министерот за здравство, Азир Алиу денеска кажа дека потпишувањето на Договорот за учество на Македонија во програмата „ЕУ фор хелт“ (EU4Health) е значаен чекор кон натамошно приближување на македонскиот здравствен систем до европските стандарди и политики. Програмата отвора можности за развој на проекти во областа на дигитално здравство, превенција и рана детекција на болести, скрининг-програмите, онкологија, кардиоваскуларно здравје, ментално здравје, подготвеност за здравствени кризи, пристапот до лекови и медицински производи, како и за јакнење на здравствениот кадар.

Мицкоски: Зад провокациите станува збор за организирана бугарска пропаганда во нашата држава

Премиерот Мицкоски посочи дека бугарските политичари не се откажуваат од Протоколите 1 и 2, каде се охрабрува работата на историската комисија до влезот на Македонија во Европската Унија. Тој потсети на говорот на сегашниот бугарски премиер од 2019 година во Санкт Петербург каде тој си ги присвојува Кирил и Методиј и кажува дека вечно ќе ја слават Санстефанска Бугарија.

Петрушевски: Молкот на Филипче за бугарскиот дипломатски скандал е политички избор, а не случајност

Од специјалниот бугарски пратеник Венко Филипче, не слушнавме ниту еден збор осуда за објавувањето на оваа дипломатска нота, која е скандалозна по секоја основа. За Филипче ова очигледно не е тема што заслужува реакција

Најнови вести

To top