Најмалку двајца од осомничените во „Талир“ нема да се појават во СЈО

Најмалку двајца од осомничените во случајот „Талир“, кој што се однесува на незаконско финансирање на ВМРО – ДПМНЕ денеска нема да се појават во Специјалното јавно обвинителство каде денеска треба да продолжи распитот, дознава expres.mk од правосудни и медиумски извори.

Ниту СЈО не открива официјално колку од осомничените треба да се појават денеска а колкумина потврдиле дека ќе се јават на распитот.

Во петокот на распит се појавија седуммина од осомничените, меѓу нив беа поранешниот премиер и генерален секретар на партијата, Емил Димитриев, пратеничката Даниела Рангелова, поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески.

Првоосомничен во случајот е претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој во петокот не се појави на распит бидејќи немал добиено уредно покана. Доколку не одговорат на поканата, обвинителите најавија можност за присилно приведување.