Македонија

Муцунски: Бугарија врши политичка агресија врз идентитетските и националните обележја на Македонците! Нема да дозволиме по никоја цена да ни бидат погазени!

Владата нема да дозволи по никоја цена да бидат погазени идентитетските обележја на нашиот народ, вели министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски.

Во интервју за ТВ Телма министерот за надворешни работи на Република Македонија Тимчо Муцунски нагласува дека и во последната дискусија во Европскиот Парламент се докажало дека уставните измени се само еден елемент од сето она, што Бугарија сака да ни го наметне, за да повлијае врз ншиот пат кон полноправното членство во Европската унија.

„Договорот за добрососедство произведува обврски и за двете страни. Меѓу другите, една од обврските, што ги има преземено Бугарија е да го забрзува нашиот пат кон Европската унија, да дава поддршка околу тоа. Но ова е одредба од договорот, којшто Бугарија одлучува да го прекршува. Во самиот договор никаде не се споменуваат уставните измени. Се сеќавам дека во моментот, кога се потпишуваше тој договор, Бугарија го означуваше како историски. Треба да се држиме до меѓународното јавно право и принципите. Треба да посакуваме да живееме во регион, кој навистина функционира во рамки на европските вредности.“ – посочи Муцунски.

Срамно е, дополнува тој, во ова време во кое живеме кое е навистина сложено од безбедносна гледна точка, посебно кога ќе ја земеме во предвид руската агресија врз Украина, нашиот сосед Бугарија да си дозволи да функционира во таков наратив во којшто врши политичка агресија врз нашата држава по однос на идентитетските и националните одбележја на Македонците кои живеат и функционираат во државата.

„И од таа гледна точка јас секогаш повикувам на рационалност, на умереност, но исто така сакам да кажам дека ние, како Влада, со огромната поддршка што ја имаме од нашите граѓани нема да дозволиме по никоја цена да бидат погазени идентитетските обележја на нашиот народ, наведе Муцунски. Тој уверува дека како држава ќе се направи се што може да не се изгубат средствата од Планот за раст. Потсетувајќи дека средствата се врзани со испорачаните реформи оцени дека државава е меѓу подобрите во тоа, но и дека е факт оти од објективни причини некои од реформите се уште не се реализирани.

„Тоа не значи дека тие пари ќе се изгубат како што често се информираше во јавноста, бидејќи ЕУ има создадено механизми, ако се доцни во одредени реформи сепак парите да не се изгубат. Министерството за европски прашања заедно со другите институции, меѓу другите и со нас, се координира често со ЕУ и работиме на испорачување на голем дел од тие реформи. Објективно некои од нив се блокирани, заради процедурални пречки, на пример во Собранието – Изборниот законик. Но верувам дека како држава ќе направиме се што можеме да не се изгубат тие пари и оти колку што ќе можеме повеќе од тие пари да искористиме за проекти, кои се насочени кон подобар живот, подобар стандард, инвестиции во одредени инфраструктурни проекти.“ – рече Тимчо Муцунски.

Најнови вести

To top