На денешен ден, 16 јуни 1943 година, бугарскиот фашистички окупатор изврши еден од најтешките злочин во Македонија за време на Втората светска војна – Ваташкиот масакр.
Со цел да го спречи подемот на народноослободителното движење, во рамките на Јунската непријателска офанзива, бугарските сили во месноста „Моклиште“ стрелаа 12 младинци од село Ваташа, на возраст од 15 до 27 години.
Според историските податоци, селото било блокирано, а младинците биле приведени, испрашувани и тепани. Потоа биле одведени во „Моклиште“, каде врз нив бил отворен оган. Најмладиот од стреланите имал само 15 години. Еден од нив пред смртта извикал: „Стрелајте кучиња, но нашата идеја нема да умре!“.
По две години, Народниот суд во НР Македонија ги осудил на смрт главните виновници за масакрот.
Во спомен на жртвите, во Ваташа е изградена спомен-костурница (откриена во 1961 година), а на местото на стрелањето е подигнат спомен-парк со 12 јавори како симбол на стреланите младинци.