Спорт

Барбарез со емотивна порака од СП: Ти благодарам татковино. Ова не се солзи на тага, туку на среќа и гордост!

Селекторот на БиХ по мечот со САД не можеше да ги спречи солзите, момент што ги трогна фудбалските фанови од целиот свет

Селекторот на Босна и Херцеговина, Сергеј Барбарез, по натпреварот со соорганизаторот САД и елиминацијата од Светското првенство во фудбал преку својот профил на Инстаграм упати емотивна порака.

„Ти благодарам татковино. Овие солзи по натпреварот не беа солзи на тага, туку солзи радосници, солзи на среќа и гордост! Солзи на благодарност што имам можност да правам нешто што го сакам, што имам можност да пишувам историски моменти и на крајот на краиштата, најголемата работа од сè, што имам привилегија да работам со овие прекрасни момци, моите играчи.

Сигурно е дека денес дадовме сè од себе, но, за жал, не го напуштивме теренот како победници. Нашата приказна во Америка е завршена, но нашето патување што го започнавме пред 2 години со кренати глави продолжува!!!

Ви благодариме милион пати за секоја емоција, секоја насмевка, секоја надеж, секој поминат километар, секоја непроспиена ноќ.

Верувате во нас и бидете ни поддршката каква што бевте од самиот почеток, бидејќи едно е сигурно, само заедно и гордо можеме повторно да напишеме нови страници од нашата фудбалска историја!!! Вашиот Сергеј Барбарез“, напиша играчката легенда и некогашен капитен на БиХ, а сега успешен кормилар на националниот тим, со кој во второто учество на мундијалите првпат ја помина групата и заигра во елиминациите.

По мечот со САД, кои славеа со 2:0, Барбарез ги поведе своите избраници кон трибината со најголема концентрација на босански навивачи за да им се заблагодарат за поддршката, а потоа сам се упати во спротивен правец, не можејќи да ги скрие солзите.

Најнови вести од: Спорт

To top