Македонија

Везден – каде што се создаваат млади готвачи и идни лидери

Интервју со Александра Трајковска, основач и двигател на концептот Везден – Академија за млади готвачи

  1. Везден е многу повеќе од школа за готвење. Како се роди идејата преку кулинарството да се создаде простор каде децата ќе учат животни вредности?

Александра: Всушност, вистинскиот поттик дојде од синот ми, кој сега има 13 години. Тој бараше место каде ќе може подетално да го изучува готвењето, надвор од она што можевме да го понудиме дома – некаков посериозен, поструктуриран простор со вистински услови. Токму таа негова желба ме натера да размислам пошироко, и да го земам искуството коешто го градиме во Везилка и Дениција веќе десетина години, и да го создадеме за децата – не само за да научат рецепти, туку за да ги усвојат вредностите што стојат зад секое добро сработено нешто. Секој ден гледам колку кујната всушност е одличен простор за учење – таму детето учи трпение, дисциплина, тимска работа и одговорност, без да сфати дека учи.

  1. Академијата функционира под покровителство на ресторанот „Везилка“, кој со години претставува препознатливо име во македонското угостителство. Колку искуството од реалниот ресторански бизнис влијаеше врз концептот на Везден и што сакавте да им пренесете на најмладите уште од самиот почеток?

Александра: Везилка постои од 2014 година, а подоцна ѝ се придружи и Дениција, и во сите овие години научив дека угостителството е бизнис на детали и на луѓе. Токму тоа искуство е ‘рбетот на Везден – децата не учат готвење во стерилна училница, туку во амбиент што личи на вистински ресторан, со вистински стандарди. Сакавме уште од прв час да им покажеме дека зад секое јадење стои процес, планирање и почит кон трудот на другите, бидејќи тоа е она што го прави некој професионалец, а не само некој што знае да готви.

 

  1. Во Везден децата не учат само рецепти. Тие учат да планираат, да работат во тим, да ги почитуваат правилата и да размислуваат за секој чекор од процесот. Колку овие вештини се важни за создавање на идните менаџери и лидери во угостителството?

Александра: Овие вештини се, всушност, темелот на секое добро раководење. Јас секојдневно во Везилка и Дениција работам со тимови и знам дека рецептот никогаш не е најтешкиот дел – најтешко е да се организира процес, да се предвидат чекорите однапред и да се почитуваат оние со кои работиш. Кога дете на десет или дванаесет години ќе научи да чека на ред, да ја исчисти својата работна површина и да соработува со другар од тимот, тоа дете веќе гради навики кои подоцна ќе го направат подобар лидер, без разлика дали ќе остане во угостителството или ќе тргне по друг пат.

  1. Кога зборуваме за ESG, најчесто мислиме на големи компании и корпоративни стратегии. Но дали вредностите како одговорност кон храната, почитување на ресурсите, соработка и етичко однесување всушност започнуваат многу порано – уште во детството?

Александра: Апсолутно. ESG звучи како голем, корпоративен концепт, но во суштина се сведува на едноставни прашања – како се однесуваме кон ресурсите, кон луѓето и кон заедницата. Тие прашања не се учат на состанок на управен одбор, туку многу порано, во домот и во училиштето, а јас верувам дека и во кујна каде дете самo ја подготвува храната. Кога детето ќе почувствува со сопствени раце колку труд и ресурси стојат зад еден оброк, тоа разбирање останува со него засекогаш и станува дел од неговиот карактер, не само од неговото знаење.

  1. Еден од столбовите на ESG е одговорното користење на ресурсите. Како низ часови ги учите децата да ја ценат храната, да избегнуваат непотребен отпад и да развиваат навики кои подоцна ќе ги применуваат и дома?

Александра: Во Везден на децата им покажуваме конкретно, преку пример, а не преку предавање. Учиме правилно мерење и планирање количини, покажуваме како од остатоци од едно јадење може да се направи друго, и секогаш разговараме зошто е важно храната да не се фрла. Кога децата сами го поминат целиот процес – од избор на состојки до сервирање – тие почнуваат сами да забележуваат колку лесно се создава отпад, и тоа е моментот кога навистина се менува нивниот однос кон храната, и дома, и подоцна во животот.

  1. Работата со деца носи голема одговорност. Како успевате да создадете средина во која секое дете се чувствува безбедно, мотивирано и охрабрено да биде креативно, без страв дека ќе погреши?

Александра: Тргнуваме од едно едноставно правило – грешката е дел од учењето, а не нешто од што треба да се плашиш. Нашите ментори се тука токму за да ги водат децата низ тој процес со трпение, а не со критика. Многу помага и тоа што целата средина е создадена да биде пријателска и прилагодена на нивната возраст, но со вистински алатки и вистински задачи, за детето да почувствува дека му се верува. Кога детето знае дека грешката нема да биде казнета туку објаснета, тоа слободно експериментира, а токму таму се раѓа креативноста.

  1. Дали Везден е само академија за децата или претставува можност и за друг вид на едукација?

Александра: Везден расте во нешто пошироко од академија само за деца. Гледаме голем интерес и кај родителите да учат заедно со своите деца, а сè повеќе размислуваме и за програми наменети за млади кои сакаат да навлезат во угостителството како професија, поврзувајќи ги со реалната работна средина на Везилка и Дениција. За мене, Везден е простор за едукација на секого кој сака да ја открие вредноста на кулинарството – без разлика на возраста.

  1. Ако треба со една реченица да ја опишете визијата на Везден, како би сакале по неколку години да изгледа?

Александра: Сакам по неколку години Везден да биде препознаен како местото каде што поминале првите чекори голем број млади луѓе кои денес со гордост и знаење работат во угостителството – место кое не создава само вешти раце, туку одговорни и способни идни лидери.

Интервјуто е подготвено во рамки на Erasmus+ проектот „Green Future of HoReCa“, кој го реализираат EVACO (Полска) и FUTURAMA 4P (Северна Македонија), со цел да промовира современи пристапи во образованието, лидерството и одржливиот развој во ХоРеКа секторот.

Пишува: Катерина Златановска Попова

Најнови вести од: Македонија

Санџак Курт е нов генерален директор на Лимак Скопје

Назначувањето на Санџак Курт е природно продолжување на развојниот пат на Лимак Скопје и ја потврдува определбата на компанијата за континуитет во управувањето, натамошен развој на инвестициите и градење долгорочни партнерства засновани на доверба, професионалност и заеднички успех.

Тетовец реагира за сообраќајниот хаос во Тетово: Градот е заложник на возила со швајцарски, германски и италијански регистарски таблички!

Тетовецот Бошко Видоески преку објава на општествените мрежи реагираше на, како што наведува, сообраќајниот хаос и нарушениот јавен ред во Тетово за време на летниот период. Тој оценува дека градот е „заложник на возила со швајцарски, германски и италијански регистарски таблички“, обвинувајќи дека дел од возачите непрописно паркираат, создаваат бучава, турираат, се тркаат и го нарушуваат мирот на граѓаните.

Мисајловски: Продолжува осовременувањето на Армијата со нова опрема, униформи и вооружување

Министерот за одбрана Владо Мисајловски најави дека Армијата во наредниот период ќе добие значително нова опрема и вооружување, оценувајќи дека процесот на модернизација ќе овозможи нејзино зајакнување на, како што рече, највисоко ниво во историјата.

To top