Спорт

Трстена до македонските спортисти на Медитеранските игри: Имавте 1.460 дена за подготовка. Овојпат очекуваме многу повеќе

Македонскиот спортист на 20. век не сака да се повтори Оран 2022, кадешто два од трите медала освоија натурализирани Македонци

Некогашниот олимписки шампион во борење Шабан Трстена јавно им се обрати на спортистите што ќе ја претставуваат Македонија на Медитеранските игри во италијанскиот град Таранто, кои почнуваат утре.

Во мое име, како Олимписки шампион, олимписки вицешампион и Спортист на 20-тиот век во Македонија, им посакувам многу успех на сите спортисти кои ќе ја претставуваат нашата земја на Медитеранските игри во Таранто, Италија.

Но, пред да започнат натпреварите, сакам да ве потсетам на еден факт кој не смееме да го заборавиме.
Пред четири години, на Медитеранските игри во Оран, Алжир, во 2022 година, резултатот беше разочарувачки. Од околу 80 македонски спортисти, само еден македонски спортист освои медал – таеквондистот Дејан Георгиевски, кој го освои бронзениот медал. Во составот имаше и двајца натурализирани руски борачи.
Тогаш, како спортист кој со децении ја претставувал својата земја на најголемите светски натпревари, овој резултат го оценив како голем неуспех на нашиот спорт. Најголемата одговорност ја гледав во Олимпискиот комитет на Македонија, бидејќи само еден медал од толку голема делегација не може да се смета за успех.
Денес, четири години подоцна, вие сте имале 1.460 дена за подготовка.
Четири години сте добивале поддршка и стипендии од вашите општини, од Министерството за спорт и од спортските и олимписките структури. Четири години сте имале време за тренинг, за физичка и психолошка подготовка и за да покажете колку вредат вашата работа, талент и жртва.
Затоа, овој пат очекуваме многу повеќе.
Очекуваме резултати, очекуваме победи и, пред се, очекуваме медали.
Посебно се надевам дека олимпискиот вицешампион од Токио, Дејан Георгиевски, кој веќе има освоено сребрен и бронзен медал на Медитеранските игри.
Јас сум оптимист, исто како и неговите тренери, дека тој е еден од главните фаворити во својата категорија во таеквондо и дека силно ќе се бори за својот трет медал на Медитеранските игри.
Како Олимписки шампион и Спортист на 20-тиот век во Македонија, се чувствувам должен да ве потсетам дека Медитеранските игри отсекогаш биле еден од најважните тестови и голема подготовка за Олимписките игри.
Горд сум на мојот историски рекорд како единствен спортист кој освоил три златни медали по ред на Медитеранските игри – 1983, 1987 и 1991 година.
Тие победи за мене не беа само медали. Тие беа гордост за моето семејство, за мојот град, за мојот народ и за целата наша земја.
Затоа, драги спортисти, девојки и момчиња:
Четири години имавте време.
1.460 дена имавте за подготовка.
Сега е време вашата работа да зборува на спортската арена.
Направете го вашето семејство гордо.
Направете го вашиот град горд.
Направете го вашиот народ горд.
Борете се за секој поен, за секоја секунда и за секој сантиметар. Не се предавајте до последниот момент!
Ако изостане успехот, одговорноста не може да биде само на Олимпискиот комитет.
Дел од одговорноста е и кај спортските федерации, кои имаат обврска да обезбедат соодветни услови за спортистите.
Но, на крајот, најголемата одговорност е во рацете на самиот спортист на борилиштето и на спортскиот терен.
Таму повеќе не зборуваат стипендиите, федерациите или институциите.
Таму зборува срцето на шампионот.
Таму зборува карактерот.
Таму зборува трудот од изминатите четири години.
Уште еднаш, од срце им посакувам успех на сите спортисти кои ќе ја претставуваат Македонија во Таранто:
Дајте го максимумот!
Борете се со срце!
Почитувајте го знамето!
Борете се за победа!
Борете се за медали – златни, сребрени и бронзени!
Нека Таранто 2026 биде ново и многу поуспешно поглавје за македонскиот спорт.
Со почит и поддршка,
Вашиот Олимписки шампион, Ш.Т.“, објави Трстена на Фејсбук.
Македонија од досегашните три учества на Медитеранските игри има вкупно 14 медали, а од последните во Таранто три, од кои два освоија руските борачи со македонски пасош Магомедгаџи Нуров (злато) и Владимир Егоров (бронза), а за преостанатиот, исто така бронзен, се погрижи олимпискиот вицешампион во таеквондо од Токио, Дејан Георгиевски. Токму на тоа укажа Трстена во обраќањето на социјалната мрежа.

Најнови вести од: Спорт

To top