Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, во посебен напис се осврнува на значајниот јубиле на „Алкалоид“, една од најзначајните компании во Македонија. Текстот на Азески го пренесуваме ингерално:
„Деновиве едно од нашите најуспешни компании слави 90 години од своето постоење. Помина низ три држави, неколку различни системи и секогаш беше во врвот на македонската економска стварност. Што е поважно, верна членка на Стопанската комора. Но, сепак Алкалоид во досегашната меморија на бизнисмените ќе биде запаметен како стабилна, успешна, професионална и извозно ориентирана компанија.
Алкалоид и СКСМ секогаш беа субјектите кои први помагаа на другите. Така беше кај Ковид кризата, кога запре транспортот на суровините и кога денови и ноќи се боревме користејќи ги нашите мрежи, разбивајќи ги блокадите на хрватската граница. Така беше и кога во Брисел се боревме за сите административни пречки кои му се наметнуваа на балканскиот бизнис, како членови на Бизнис советот на КИФ. Така беше и при помагањето на институциите и личностите од областа на културата и уметноста.
Ако Алкалоид е бренд кој има супер брендови од типот на Кафетин, Бекутан, Панцеф, Чајот има и бренд на лидерското место кој е признаен во бизнис круговите како модел за современ бизнисмен. Да имаш човек во неговите години со таква способност е огромен капитал во една земја како нашата. Уверен сум дека на 100-годишнината на Алкалоид ќе имаме една побогата и поубава држава и дека Алкалоид ќе достигне милијарда евра обрт со што ќе се гордееме и ние, но и г-динот Трајче Мукаетов кој ги започна овие процеси и илјадници вработени кој поминале низ Алкалоид.
Нека им е честит јубилејот!“, пишува Азески.