Јанев одржа работна средба со раководството на полицијата во Прилеп и со дел од полициските службеници, кои повеќе од една година работеа на истрагата и реализацијата на операцијата. На средбата беа анализирани преземените активности и резултатите, но и следните чекори за одржување на безбедноста и спречување повторно создавање и зајакнување на криминални структури. Јанев информираше дека во рамки на операцијата биле извршени претреси на 36 локации, а дополнителна активност била реализирана вчера во банкарски сеф, каде биле пронајдени над 50.000 евра.
Од вкупно 37 локации, четири претреси биле извршени кај полициски службеници вработени во ОВР Прилеп. Во рамки на акцијата биле пронајдени и одземени и моторни возила. „Беше спроведена голема и сложена операција, која беше и операција и истрага, што бараше долгорочна, многу посветена, истрајна и чесна работа. Колегите до мене и зад мене имаат многу непроспиени ноќи во подолг временски период“, истакна Јанев. Тој информираше дека до надлежното Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е поднесена кривична пријава против 21 лице, а судот во Скопје определил мерки за обезбедување за сите лица опфатени со пријавата.

Јанев посочи дека операцијата била резултат на долгорочна истрага, прибирање докази и анализи, а активностите биле спроведени не само во Прилеп, туку и во Скопје и Струга. „За мене, како прв човек на Бирото за јавна безбедност, и на сите колеги, е најважно граѓаните да знаат дека митот за недопирливите во Прилеп конечно падна. Тоа е е наша должност, наша мисија – дека никој не може да се затскрива зад одредени врски, познанства, и да се прави недопирлив“, порача директорот на БЈБ.
Јанев нагласи дека успешното завршување на операцијата не значи и крај на полициските активности во Прилеп. Истрагата продолжува, а посебен нагласка ќе биде ставена на секојдневното и повидливо присуство на полицијата на терен и на зајакнување на соработката со граѓаните. „Од денеска понатаму следува потешкиот дел. Тоа за што бевме овде го завршивме, го спроведовме. Меѓутоа, истрагата ќе продолжи секако и понатаму. Она што е најважно за локалната полиција е што понатаму. А понатаму значи – секојдневно ќе бидеме присутни со граѓаните, полицијата ќе биде уште повидлива“, истакна Јанев.
Директорот упати апел до граѓаните да не бидат неми сведоци на криминалот, туку да пријавуваат и да соработуваат со полицијата, нагласувајќи дека довербата се гради со секојдневна професионална работа, присуство и конкретни резултати. „Кога институциите работиме заедно, кога споделуваме информации, кога ги градиме тимовите и кога работиме чесно, резултатите доаѓаат сами по себе“, порача Јанев.