Двe лица се здобиле со телесни повреди во сообраќајна незгода што се случила на булеварот „Александар Македонски“ во Скопје.
Според Министерството за внатрешни работи, незгодата била пријавена на 1 октомври во 15:40 часот. Во неа учествувале патничко возило „Опел Корса“, управувано од 23-годишен државјанин на Турција, и патничко возило „Дачија“ во сопственост на МВР, управувано од 33-годишен полициски службеник од Скопје.
Во незгодата повреди добиле полицискиот службеник и неговиот сопатник, 45-годишен жител на Батинци, скопско. Повредите биле констатирани во ЈЗУ „Св. Наум Охридски“ во Скопје.
На местото на незгодата бил извршен увид од увидна екипа на СВР Скопје.