На 1ТВ ќе ѝ биде одземена дозволата

1ТВ, телевизијата чиј неформален сопственик беше Бојан Јовановски – Боки 13 ќе остане без дозвола бидејќи не ги исполнува минимумот кадровски услови, одлучи Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Телевизијата доби рок од 15 дена да ги исправи пропустите, во спротивно, ќе остане без дозволата за емитување програма.

„Агенцијата изврши вонреден административен надзор по службена должност врз 1 ТВ. Надзорот покажа дека 1 ТВ не ги исполнува минималните кадровски услови утврдени во Правилникот“, соопштија од АВМУ.

Агенцијата донесе одлука и да се проверува скриена сопственост во телевизијата, откако Боки 13 излегуваше со тврдење дека е сопственик, а нејзини сопственици беа неговиот татко, Миле Јовановски и потпретседателката на Меѓународен сојуз, Јасна Мандиќ, двајцата осомничени во проширената истрага за „Рекет“.