А да пробате еднаш без уцени? Pse jo? – Пишува Роберт Димитриевски

Време е за прв Албанец премиер на Македонија. Ако нема Албанци во Владата, ќе има војна. Ако Заев и Мицкоски направат македонска влада, ние ќе направиме албанска. Промена на државната химна и учење албански од прво одделение. Консензуално одлучување со врзан потпис. Пропорционална застапеност и во приватните фирми.

Аман, бе, веќе! Триесет години истата мантра. Ако не биде по наше, ќе видите вие! Нерамноправност, обесправеност, омаловаженост. Тоа, па тоа.

Можно ли е по кој знае колку избори на локално, парламентарно и претседателско ниво во овие три децении независна Македонија со една те иста реторика да се претендира на гласот на Албанците? И тоа при реализираност на речиси целата Тиранска платформа, вклучувајќи двојазичност на целата територија на земјата. При Албанец собраниски спикер, кој го менува претседателот кога е надвор од државата или привремено не може да ја извршува функцијата. Кога истиот човек претходно беше и министер за одбрана, а пред речиси две децении војуваше против Армијата на Република Македонија. При правична застапеност во државната администрација, дури и натфрлање во министерства, секретаријати, агенции, јавни претпријатија и локални самоуправи.

А да пробаат еднаш со обратна реторика? Да понудат решенија за излез од економската пустош што ја остава зад себе власта во заминување. Да предложат мерки за задржување на младите и на сите други што не ја гледаат својата перспектива во оваа држава и секојдневно ги полнат автобусите за некоја од западноевропските дестинации. Да претстават мерки за подобрување на образованието, науката, културата, екологијата.

Конечно, да повикаат за почитување на државните симболи, да апелираат до сограѓаните за редовно плаќање на сметките, на давачките кон државата и кон јавните препријатија, да ги убедат дека и во интерес на нивното здравје е да ги почитуваат мерките за заштита од коронавирусот или ограничувањето на движењето и за време на верски празник. Или да не скокаат како попарени ако во средините во кои се во мнозинство биде поставен на функција неалбанец.

Едноставно е – не прави им го на другите тоа што не сакаш тебе да ти го прават. Соживотот и сожителството не се еднонасочна улица, туку двонасочна. Колку што бараш, (барем) толку треба и да дадеш. Раката што дава, не се суши, нели?

Не можеш да инсистираш само за своите права, така како што си ги замислил, ако истовремено ги загрозуваш туѓите. Просто, не си сам на светот, има и други околу тебе со кои треба да живееш, а немаат исти интереси, погледи на свет, емоции.

Кога ќе излезе некој со ваква платформа, програма, понуда, со полно право ќе може да претендира и да очекува гласови и од „другите“, а не само од „своите“. Тоа го потврдува и примерот на Имер Селмани од претседателските избори во 2009 година, кога од Македонците доби речиси една третина од 148 илјади гласови што ги освои, пред да ја закопа идејата за вистински консензуален шеф на државата со враќањето на тврдите националистички ставови по изборите.

Време е партиите на Албанците да свртат нов лист и, наместо со еднострани уцени и условувања, да настапуваат со кохезивни пораки во мултиетничко општество како македонското. Ако се искрени во тврдењето дека Македонија е и нивна држава, тогаш мора да водат сметка и за чувствата на Македонците и на сите други помали етнички заедници од нив.

За промена, нека пробаат барем еднаш да го сменат пристапот што го имаат веќе три децении. За проба пари не земаат. А може и пријатно да се изненадат од реакцијата од, условно речено, другата страна. Pse jo?

SHARE