А сега, најглупавото прашање – пишува Драган Милосављевиќ

А сега, најглупавото прашање – кој ни е виновен?

Никој не ни е виновен. Тоа е вистината. Ниту Макрон, ниту Меркел, ниту Трамп а мислам дека е јасно оти ни Путин, за жал, не е замешан во целата приказна.

Не се сомневајте, не се виновни ни Бугарите со нивните уцени, ни Грците со нивните националистички предрасуди, ниту Србите кои „да горат во пеколот, сакале историски да не уништат“ како што рече една наивна коментаторка под статусите на Никола Димитров, а ниту Албанците кои исто како и ние, добија шут карта и врела шлаканица од бриселските бели дворови.

Самите сме си виновни. Сите ние, топтан, два милиони луѓе според бајатиот попис или милион и 700 илјади жива мера од око. Отсекогаш сме си биле самите виновни.

Постојат историски закономерности и воспоставени меѓународни односи, не правила туку односи, кои не подлежат на патетика, лигавење и самосожалување, туку исклучиво на проста математика, комплицирани интереси и способност за преживување во услови на суров капитализам.

Тие и такви околности и нашето неснаоѓање во истите, се вистинската причина зошто не успеавме да го добиеме тој „мочан датум“. Затоа што ние, од како шетаме по светов, се што сакаме е да се „протнеме“ некаде.

Не да влеземе како луѓе, честити и дотерани на свадбата, туку да се мушнеме во турканицата и да дрпаме од шведската маса она што има за јадење и пиење додека другите гости танцуваат и разговараат за висока политика или висока мода сеедно.

Зошто требаше да добиеме датум? Затоа што добиле Црна Гора и Србија, а не заслужиле?

Добиле бидејќи се снашле, го искористиле вистинскиот тајминг и знаеле како да тргуваат со ЕУ, а не затоа што се Вучиќ и Ѓукановиќ многу лични и убави. Зошто да не влеземе во ЕУ, кога таму се едни никакви Романија и Бугарија?

Затоа што не ги исполнуваме условите, ете затоа. Се разбира дека Бугарите и Романците исто така не исполнија речиси ништо, но ете, излегуваат на Црно море, стратешки се важни, имаат извесен економски потенцијал и добра војска, а и им се погоди времето точно кога Брисел одчлучи да влезе во судир со Москва.

Нам не ни се погоди, како по обичај ама баш ништо. И затоа беше нужно да ги исполниме регуларните услови, а ние мислевме дека ќе се „упикаме“ само со некаква промена на името и со веселите извици на гласните евро-патетици дека сме заслужиле место во европското семејство.

Не сме заслужиле, лажат никаквеците! И тоа нема врска со премиерот, иако токму тој бесмислено се нафати да ја одигра улогата на лузер број еден, да прифати нешто што не би го прифатил никој друг, па сега наоколу си потплачува дека Европа го измамила.

Луѓе добри, не го измами Европа, ние си се мамевме меѓу себе. Ние на Европа немаме што да и понудиме, немаме море и стратешка важност, немаме човечки и приридони ресурси, немаме вредност наједноставно кажано.

А кога немаш вредност, надеж мора да бараш во исполнување на нормите, никако не во толмачење зошто Макрон бил суров и во цмиздрење под кошула. Зошто не сме реални околу нашата вистинска состојба? Зошто е Вардар најотровна река во Европа, а Мајна и Рајна се чисти?

Зошто Париз има 10 милиони луѓа, Скопје 15 пати помалку а сепак е 150 места повиско на ранг листите за најзагадени градови во светот?

Зошто во Финска речиси да нема корупција, а во Македонија речиси да нема некорумпирани? Зошто улиците во Данска светат, додека кај нас се дупка до дупка и поплавени во кал?

Зошто дваесет пати поголемата Шпанија има помала јавна адмистрација од нашата? Зошто изборите во Холандија се чита формалност, а тука се борба на живот и смрт?

Зошто на суд во Чешка добиваат правда, а ние овде добиваме неправда? Зошто во Австрија сите ги почитуваат правилата и тоа се подразбира, а во Македонија тој што почитува правила се смета за луд и тоа се подразбира?

Зошто во Франција децата учат во убави училишта и добиваат знаења, а кај нас учат во ќумези и добиваат петки со врски?

Зошто во Англија влегуваш на работа ако навистина имаш намера да работиш, а во земјиечво само ако татко ти се знае со пријател, на другарот на сопственикот на фирмата?

Зошто Полјаците се гордеат на своето знаме и својата химна, а ние стоиме под нашето како казнети и со снебивање? Зошто во Луксембург никој не фрла ѓубре надвор од контењерите, а ние се уште го фрламе и од прозорец?

Зошто, зошто, зошто? Е па затоа, затоа и затоа! Не се виновни за тоа само Заев и неговите алчни помагатели, виновни сме комплетно сите, од прв до последен. Заедно со тие што избегаа во странство и оттаму ни држат предавања што и како требало да се прави.

И ако еднаш си признаеме дека е така, можеби конечно ќе ги отвориме залепените очиња, ќе ја погледне лево и десно бедата која самите си ја создадовме и ќе започнеме да работиме на промени.

Не заради ЕУ која, ете, не не сака, туку заради себе и заради неродените потомци кои, кога би знаеле каде ќе се родат, не би гласале ниту да излезат надвор од мајчината утроба.

Па потоа, ако направиме од ова парче земја нешто подобро од сегашнава недоделкана прчија за политички криминалци и белосветски хохштаплери, ЕУ сама ќе не повика.

Чесен збор ќе не повика, па макар Макрон уште 50 години да остане на власт во Франција.

SHARE