Адвокат Јошевска: Нема докази дека лидерите на „За заедничка Македонија” се дел од терористичка операција

Адвокатката Сузана Јошевска Анастасовска со интересна анализа на судењето за 27 април во контекст на лидерите на ” За заедничка Македонија” (ЗЗМ).

Јошевска смета дека Јавното обвинителство можеби ќе докаже некаква организираност во случајот но не и дека лидерите на ЗЗМ се дел од операција во која се вклучени полицајци и политичари. Според неа нема никакви докази за преводниците на луѓето што протестираа 70 дена на скопските улици. Меѓу нив актерот Владо Јовановски, оперскиот пејач Игор Дурловски, режисерот Борис Дамовски и архитектот Богдан Илиевски.

„Обвинителството докажува и како што изгледа, успешно ќе докаже организираност на група, со конкретно наведување на кои лица и специфичното одредување на улогата на секој од нив во извршувањето на кривичното дело Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, пишува Јошевска која потсетува на членот 313 од Кривичниот Законик:

Тој што со намера да го загрози уставниот поредок или безбедноста на Република Македонија ќе предизвика или сериозно ќе се закани со предизвикување експлозија, пожар, поплава или друго општоопасно дејствие или акт на насилство, создавајќи чувство на несигурност или страв кај граѓаните, ќе се казни со затвор најмалку десет години“.

Во исто време Јошевска прашува како е можно и за лица за кои нема докази дека се дел од некаква операција на повисоко ниво а за кои нема докази дека се дел од групата што ја спроведува замислената операцијата, да се судат за тероризам за кој најмалата казна е 10 години. Според неа спорно е дали вербалната јавна комуникација на дел од лидерите на ЗЗМ со јавноста може да се смета за основа за обвинението.

„Ако Чавков ја диригирал операцијата со насоки на Груевски, и ако нема никакви докази дека во тоа биле вклучени водачите на ” За заедничка Македонија”, како обвинителство ги гони за истото дело??? Во обвинението стои дека тие држеле потпалувачки говори иако не е точно дека ги држеле и не ги сите. Дали со држење на потпалувачки говори се исполнува битието на кривичното дело од погоре??

Ако се прашувате зошто обвинителството останува на истата квалификација за сите обвинети кога знае дека не е така, одговорот е едноставен-затоа што му се може, затоа што е комотно, затоа што може во секое време да си направи преквалификација, а најверојатно тоа ќе се случи на завршни зборови, и никому ништо. Затоа што нема одговорност, затоа што не може да изгуби цел предмет затоа што го утнал обвинението, како што е на пример во американскиот систем“, вели Јошевска која вели дека ќе мора да се почека финалето за да видиме дали е таа во право.

фото: Женски Магазин