Адвокат Јошевска за Дурловски: Ова не е процес, ова е одмазда

Адвокатката Сузана Јошевска Анастасовска која што била дел од Шарената револуција и има спротивни идеолошки погледи од обвинетиот за тероризам Игор Дурловски е згрозена од однесувањето на Јавното обвинителство кое без никакви докази бара затворска казна од 10 години за лидерот на движењето „За заедничка Македонија“.

Таа ги анализира пропустите и грешките на обвинителството во случајот со Дурловски кој за неа е кристално јасен.

„Во завршен збор се наведува, сублимира, раскажува што, според тој што го дава, се докажало од изведувањето на доказите. Сите пропратни вредносни судови, емотивни изјави сл., се интересни за јавноста, но суштински се небитни.

Ние, иако формално имаме поротници, де факто треба да убедиме професионалци, судии, за тоа дали некој докажал или не докажал сторување на кривично дело кое се става на товар.

Ако судот е непристрасен, во тоа не помагаат многу емотивни и лични изјави бидејќи судот ќе ги цени доказите и врз основа на нив ќе донесе одлука.

Денес бев да ги слушнам завршните зборови на обвинителството во предметот 27 април. Внимателно го слушав долгиот говор.

Од она што го чув, од наведувањето на тоа со кои докази и со изведување на кои заклучоци бараат Дурловски да биде осуден за кривично дело Терористичко загрозување на уставниот поредок, се надевам дека мирно ќе спијат.

Доказите и тоа што обвинителството го извлекува како заклучок од истите не ги покажуваат трите збора што ги пишува за него во обвинението, за кои коментирам од кога го видов истото- “држел потпалувачки говори”, бидејќи не држел, ниту го покажуваат битието на кривичното дело- предизвикување страв кај граѓаните и рушење на уставниот поредок.

Она не е процес, а најмалку правда. Она е одмазда, емотивно набиена одмазда.

И пред да ме испоплукате пошто јавно бранам некој со спротивни политички убедувања од себе, да ви кажам гласно за да се слушне и во задните редови, се онаму до кај обвинителката :

Ако може да се донесе осудителна пресуда со затворска казна 10 години со волку и вакви докази, џабе е борбата и бојата фрлена. Никој не е безбеден.
НИ-КОЈ.

Правото на протест и лично убедување е уставно загарантирано право и тоа не е “коцкање со интересите на државата”.

И ова ќе го бранам било каде, пред било кого, за било кој“, пишува Јошевска Анастасовска за одмаздничкото и непрофесионално однесување на обвинителката Рускоска кон обвинетиот Дурловски.

SHARE

Оставете коментар