Со примена на ЕКМО технологија во клиничката болница „Аџибадем Систина“ е спасен животот на 45-годишен пациент заболен од ковид-19. Астрит Селимај бил примен во исклучително тешка здравственасостојба со прилично напредната ковид–пневмонија. Поради тоа прво бил ставен на респиратор, а по конзилијарното мислење на тимот доктори од „Аџибадем Систина“ и инфектолог од  ГОБ „8-ми септември“,  пациентот бил префрлен на ЕКМО апарат, кој всушност бил пресуден за неговото преживување. Астрит е првиот пациент во Македонија кој е излекуван од ковид-19 со примена на оваа технологија.

За неговото здравје се погрижи искусен тим доктори од болницата „Аџибадем Систина“ – д-р Митко Караѓозов, шеф на тораковаскуларна хирургија, проф. Д-р Александар Николиќ, шеф на кардиохирургија,  д-р Димче Славески,  шеф на кардиохируршка анестезија, д-р Никола Шиков, шеф на општа – интензивна нега, д-р Хараламбос Сидиропулос, специјалист по инфектологија и д-р Патриција Каламарес, инфектолог од ГОБ „8-ми Септември“.

„За првпат кај пациент со ковид-19 е применета технологија на ЕКМО која ја поседува Клиничка болница „Аџибадем Систина“. ЕКМО-машината му овозможи на пациентот да преживее, состојбата со белите дробови се подобри, ЕКМО апаратот се исклучи, по што пациентот дишеше на респиратор. Откако и со респиратор состојбата се подобри, параметрите беа во граница на нормала се исклучи и респираторот, пациентот се врати во нормален живот. И еве за среќа, за наша голема радост си оди дома. Горди сме затоа што „Ацибадем Систина“ уште еднаш докажа дека е голема болница со врвна технологија и медицина  и дека може да се справи и со најтешките компликации коишто ги предизвикува ковид-19“,истакна шефот на тораковаскуларна хирургија во „Аџибадем Систина“, м-р. д-р Митко Караѓозов.

Д-р Димче Славески шефот на кардиохируршка анестезија вели дека ЕКМО апаратот е последна опција и шанса за живот за критично болните од ковид-19.

„Кога кај пациентот дури ни респираторот не може веќе да обезбеди доволна оксигенација на организмот останува само ЕКМО апаратот, кој всушност е замена за белите дробови на организмот. Значи, во фаза кога респираторот веќе не можеше да обезбеди адекватна оксигенација на пациентот, конзилиумот доктори одлучи да му дадеме шанса и да го ставиме на ЕКМО машина, односно на вено-венска екстракорпорална мембранска оксигенација, која ја заменува работата на белите дробови“, изјави д-р Славески.

ЕКМО апаратот е нова надеж во третманот на тешко болни пациенти со ковид-19, вели инфектологот од ГОБ „8-ми Септември“  Патриција Каламарес. Таа смета  дека заедно со тимот од „Аџибадем Систина“ постигнале огромен успех  во третманот и лекувањето на коронавирусот.

„Клиничката болница „Аџибадем Систина“ е прва на Балканот којашто го примени ЕКМО апаратот за лекување на ковид-пациeнт. Без ЕКМО технологијата, пациентот немаше да преживее. Отсега па натаму сметам дека овој апарат ќе се применува и при лекувањето на други пациенти со тешки компликации. ЕКМО aпаратот е единствената машина која може да му подари нов живот на пациентот“, вели д-р Каламарес.

По 25 дена борба за живот, 45-годишниот Астрит конечно, со насмевка на лицето, заминува кај своето семејство. Немал претходни заболувања, ситуацијата со коронавирусот му се влошила многу брзо, а докторите од „Aџибадем Систина“ му го спасиле животот.

„Дојдов на 10 август со ваше возило. Му благодарам на Господ, на лекарите и на сиот персонал за целосниот третман тука, а посебна благодарност до д-р. Никола Шиков, кој најмногу се грижеше за мене. Пресреќен сум што се враќам дома кај семејството по 25 дена. Немав други заборувања. Не сум бил болен од ништо друго“ – рече 45-годишниот пациент.

Речиси еден месец траеше борбата за живот на Астрит. Благодарение на ЕКМО технологијата и искусните доктори од „Аџибадем Систина“ тој сега е во добра здравствена состојба.

„Ќе му треба период на рехабилитација, но сите анализи покажуваат дека е во добра кондиција“, вели Никола Шиков, специјалист по анестезиологија со интензивно лекување“. (Плусинфо)