Агатангел: Бојкотот нека биде почеток на една поубава Македонија

Владиката Агатангел деновиве започна со своја лична кампања за бојкот на референдумот, со делење на летоци со негова порака во поштенските сандачиња низ земјава, пренесоа повеќе медиуми.

„Бојкотот на претстојниот лажен и погубен референдум нека биде почеток на една поинаква и просперитетна Република Македонија, која ќе биде поставена и втемелена врз принципите на законот кој произлегува од моралот и слободата. Нека засветли силно сонцето на правдата и нека изгрее од нашите срца светлината на меѓусебната почит и разбирање…“, се вели во пораката на владиката Агатангел.

Владиката ја предупредува јавноста да биде внимателна, оти сите биле во игра, и власт и опозиција.

„Сите сакаат да го натоварат македонскиот народ со тешкото бреме на срамот од себеукинувањето. Но силата е во нас, во секој поединец, без разлика на вера и национална припадност. Ние и понатаму ќе треба едни покрај други да живееме, а тие и така не се дел од нашиот свет, туку животарат во светот на илузиите и краткотрајните задоволства. Им посакуваме среќен пат во мочуриштето на нечесноста, а чесниот македонски народ, како и другите чесни народи кои живеат во оваа наша татковина, ги повикувам да застанат на браникот на нашиот заеднички дом“, предупредува повардарскиот владика во својот повик до македонските граѓани.