Агитпроп економија – пишува д-р Кирил Миноски

По својата дефиниција Агитпропот подразбира „агитација“ и „пропаганда“или политичка пропаганда карактеристична за комунизмот од советскиот тип.

Главната карактеристика на Агитпропот се политичките памфлети кои што се пласираат преку контролираните медиуми, литературата, филмот, театарот, како и други форми на уметност со цел, индоктринација и затапување на „масите“ и создавање на „виртуелна-лажна реалност“.

Во историски контекст гледано, Агитпопот е најстар вид на организирана политичка пропаганда воведена од Болшевиците во 1919 година.
Под директен надзор на „советските политички комесари“, Агитпропот успешно беше воведен и во поранешната СФРЈ, а го спроведуваше комунистичката партија која ја воведе ткн „диктатура на пролетеријатот“.

Раководен од Комунистичката партија, Агитпропот воспостави широко распространета мрежа на здруженија на граѓани односно невладин сектор, медиуми, писатели, уметници, професори, академици, спортисти, кои што ја имаа улогата „на очи, уши и глас“ на Комунистичката партија. Оваа широка мрежа која што ја користеше Агитпропот се нарекуваше Социјалистички сојуз на работен народ.

Со осамостојувањето на Македонија, Агитпропот не исчезна, тој се трансформираше, на идентичен начин, како и поранешните комунисти кои што станаа социјалдемократи, а социјалистичкиот сојуз на работниот народ се прелеа во медиумите, невладиниот сектор, културата, уметноста.

Иако преоблечени во ново демократско руво, менталната матрица, начинот на функционирање и методи на работа на Агитпропот не се променија. Арсеналот на средствата вклучуваа: сеење на омраза, страв, пресметки и дисквалификација на неистомислениците, конструирање на случаи, подмолни дискредитации и подместувања, се со цел да се одбранат привилегиите на партијата за која што сметаа дека има наследено право да владее во еднопартискиот амбиент.

Главната мајсторија на Агтипропот, беше и остана крирањето на опиум за народот во форма на виртуелна реалност, па со право можеме слободно да кажеме дека Агитпропот е првиот креатор на концептот на „лажни вести“.

Затоа што Агитпропот беше способен за секакви вратоломии, партиското да стане непартиско или хуманитрано, владиното да биде неваладино и експертско, портпароли да бидат истовремно и независни новинари.

Каков е и каков беше односот на Агтипропот кон економската реалност?

Благодарение на Агитпропот денеска можеме слободно да говориме за постоење на нов вид на економија наречена „Агитпроп економија“.

Истата би ја дефинирале како „перцепција за економска реалност дефинирана од Агитпропот“, која во зависно од партиската директива може да биде оптимистичка или песимистичка.
Последните години Агитпропот говори за оптимистичка „Агитпроп економија“ која што базира на „ЌЕ оптимизам“.

“Ќе оптимизмот” , треба на „масите“ да им долови колку многу им е убаво иако тоа не го чувствуваат, раководени под диригентската палка на водачите, кои што Агитпропот ни ги отсликува во стрип верзија на „суперхерои“ кои што се способни да искреираат виртуелна реалност: на повисок животен стандард, повисоки плати од 500 евра па нагоре, економско чудо од коешто сите во светот се воодушевени, новоизградени илјадници километри на патишта, пруги, клинички центри, нови училишта и слично.

Агитпропот иако цврсто стои на марксистичко-ленинистичките концепти на феудален комунизам, знае понекогаш да одглуми кејнзијанец за да се вклопи во пазарниот амбиент.

До пред неколку години Агитпроп економијата беше песимистичка, но денеска Агитпропот не информира дека имаме нова нормална состојба, а новата нормалност се креира на следниов начин:

– Стивната е загриженоста за историски најголемиот буџетски дефицит и ненаменското трошење на буџетските средства

– Не постои повеќе загриженост за ниското ниво на капитални инвестиции ниту за негативните перспективи на кредитниот рејтинг

– Не постои грижа за сигурноста на депозитите на поединците и компаниите во банките, нуту пак се повикуваат деловните банки да не купуваат државни хартии од вредност

– Не постои загриженост ниту за трендот на зголемување на невработеноста, намалување на странските директни инвестиции кои што беа главен носител на растотот на БДП

– Не се истражува на кој начин се дели социјалната помош и зашто Македонија има највисоко ниво на поделена социјална помош по глава на жител во регионот, а сеуште е држава на социјалци

– Не постои загриженост ниту за полнењето и стабилноста на пензискиот ситем, за исплатата на платите и нивното намалување

– Никој повеќе не го интересира ни тоа што неговите деца и внуци ќе отплаќаат долгови и дали задолжувањата се трошат за исплата на плати и пензии

– Исчезна – Калкулаторот на јавен долг во услови кога од умерено задолжена земја се доближивме до 60 % од БДП јавен долг со што де факто стануваме високо задолжена држава

Што ќе се случи доколку се отиде во економијата во несакан правец што ќе биде пораката на Агитпропот?

Агитпропот за сите останати деца, освен за „нашите деца“ ќе го понуди рецептот кој што го користеше во деведесетите години наречен „стечајци“.

Се чини Агитпропот и стечајот секогаш одат рака под рака, па затоа новата нормалност ќе ни ја најават со паролата „биди достоинствен стечаец, Google и Facebook само што не пристигнале“.

Д-р Кирил Миноски
Поранешен министер за финансии во македонската влада

SHARE