„Ние стоиме на нашиот принцип за претседател на државата со договор помеѓу страните кои имаат легитимитет, значи на албанската и македонската страна.

Има волја за да се постигне договор, но ова зависи од страните кои ќе се сретнат во понеделник“ , изјави лидерот на ДУИ Али Ахмети, во гостување на косовската РТК, на ден пред денешната средба со Зоран Заев.

Во Клубот на пратениците денеска, тие ќе разговараат за  можноста за настап на престојните претседателски избори со заеднички консензуален кандидат.

„Ако постигнеме договор, се разбира, ќе бараме да ја прошириме поддршката, прво со партиите од коалицијата, а потоа со други интересни групи, со цел да направиме што поголемо мнозинство, бидејќи тоа го бара консезуалноста. Овој концепт сме го дефинирале како надетнички и надпартиски, не е важно да се прогнозира епилогот од кандидатот, односно етничката или партиската определба на кандидатот“ изјави во врска со денешната средба вицепремиерот Бујар Османи.

Централното претседателство на ДУИ претходно одлучи на претседателските партијата да оди со  свој кандидат, но остана отворена можноста за договор со СДСМ за консензуален кандидат.

Ахмети со изјавата дека „не оди на туѓа свадба“ реагираше на одлуката на СДСМ, својот кандидат да го соопшти на Конгрес на партијата на 3 март.

SHARE