“Ајде гитла од каде што дојдовте” – пишува Драган Милосављевиќ

Затвораат текстилни фабрики на истокот. На газдите не им се исплатело повеќе да работат во земјава и си ги пакуваат машините.

Работничките, или подобро кажано робинките во овие текстилни зандани, работеле по десет часа на ден, со одмор од пет минути во кој треба да јадат, пијат и мочаат, за срамни осум илјади денари месечно.

Работеле и плачеле секој месец, прашувајќи се кој и како можел да дозволи ваква брутална експлоатација на човечкиот труд во 21 век.

И кога газдите ги затвораат капиите, расплаканите робинки уште посилно почнуваат да лелекаат, а потоа тивко да објаснуваат дека во фабриките изгубиле и младост и здравје и убавина, ама осум илјади си се осум илјади и кој ти ги дава во ова време невреме?!

Сега што да правиме, прашуваат, каде ќе одиме и како ќе живееме?

Прашуваат, но не би сакале тоа да се слушне, за да не се налутат случајно фабрикантите кои веќе летаат кон рајот за робовладетели во Чандрагупта и Кашмир. Кој знае, некогаш може и ќе се вратат, а тогаш пак ќе им требаат работнички зарем не?

Синдикатот на просветните работници галами со месеци. Сакаме плати достојни за професијата, не може наставник кој ги образува новите генерации да крпи месец со триста евра од кои пола одат на кредити а останатите за струја, вода, кабелска и суво лепче.

Значи, господа од владата, давајте барем 25 посто поголема плата, заслуживме.

Министерот Бектеши вели – не може. Десет ви се доста. Ама и 25 се малку на тие плати, дајте или ќе има генерален штрајк, ќе се радикализираме, ќе ова, ќе она. Бектеши се прозева, не може господо, десетка со кромид и тоа ви е последна понуда.

Добро, велат синдикалците, а може ли барем десетката да почне од јануари а не од април да се дава? Може, великодушно одговара Бектеши. Јупииии, радосни се синдикалците, нема штрајк, супер е се, победивме, МОН излезе во пресрет на нашите барања!

Ама нели баравте 25 отсто минимум, прашува збунетиот новинар? -Доста таму, одговараат СОНК-овци, обезбедивме зголемување какво такво, башка од јануари, наведната глава сабја не ја сече, ај ти!

Земјоделците, овоштарите, тутунарите и сите кои се занимаваат со насушната земја не можат повеќе да издржат. Реколтата им се откупува за неверојатно смешни цени, а и тие ситни парички ги добиваат со годишно задоцнување.

Излегуваат на штрајк пред Владата со трактори, багери, мотики и српови. Владата им одговара со специјалци и оклопони транспортери. Ама ние сме македонски, домашни земјоделци, ние немаме леб да јадеме, плачат штрајкувачите, не дојдовме да се бориме со полиција туку да бараме правда. Сте го згрешиле местото, им одговараат одвнатре, сега има правда, има и мир.

Ајде гитла од каде што дојдовте, ние сега ќе го пречекуваме Макрон на прослава за преговорите со ЕУ.

Земјоделците си одат со наведнати глави да соопштат дома дека пари нема, ама најверојатно ќе има преговори со ЕУ, (НЕМА!!!) а и во НАТО влеговме, ќе тргне белким работата на подобро.
И така.

На конкурси во провинциски болници, не ги примаат прворангираните туку првите роднини на директорката.

Овие набрканите не сакаат да се жалат, мало место било, ќе ги збореле на улица.

Полицајци запираат човек кој вози најуредно и најсовесно, го шиканираат и го влечат во станица затоа што не сакал да плати 30 евра казна кога не направил никаков прекршок.

Излегува јавно да се жали, сите во шок. Ќе кажел на телевизија дека го малтертираат. Останатите плаќаат и си молчат.

Треба ли да набројувам уште? Во Охис истекуваат еден бог знае какви отровни супстанци, одговорност не презема никој.

Во Куманово е загадено како во Чернобил, виновна била болницата. Во Скопје надвор се излегува само со биохазард заштитни одела, а локалните власти ни покажуваат фотографии од еко трамвај што ќе го донесат „кад замиришу јорговани“.

На протести излегуваат по десетина наивни ентузијасти, другите купуваат фенси маски и викаат „тоа е, што да се прави“.

Во една книга за владеењето на големиот римски император Октавијан Август, авторот ингениозно заклучува дека Рим, за разлика од источните сатрапии и грчките градови држави, станал најголемата светска империја затоа што на запад луѓето се способни во истовреме да бидат и слободни и дисциплинирани.

Затоа што знаат што сакаат од себе и што им должи држвата за која се борат. Значи и дисциплинирани и слободни. Ние сме на исток и ние не знаеме што сакаме, ниту пак ни е јасно зошто воопшто постои државата и власта во неа.

Затоа не веруваме, не почитуваме правила, не ја цениме слободата, не се бориме за своите права, туку само прифаќаме под принуда да го правиме она што ќе ни го речат „одозгора“.

Недисциплинирани робови. Но ајде сега, барем знаеме да пееме и да играме по слави, ако е за атер.

SHARE