Академик Ќулавкова: Бугарската реторика на уцена не остава простор за дијалог

Пишува академик Катица ЌУЛАВКОВА

Со Меморандумот, Бугарија се поставува како „засегната“ земја-членка на ЕУ, апелира до сите членки да ја поддржат во нејзините барања да се спроведе „строга, целосна и неповратна примена на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со С. Македонија, како „предуслов за каков било напредок во процесот на пристапување“ во ЕУ.

Ова е реторика на уцена и не остава место за дијалог. Се поставува прашање како ќе преговара и ќе ја аргументира својата македонска перспектива на интерпретација на историјата и на идентитетот македонскиот дел од Комисијата!

Бугарската страна однапред ја има утврдено својата негаторска позиција по однос на македонскиот народ, јазик, култура и историја, и неа ултимативно ја наметнува како догма која час поскоро треба да усвоена како европска и глобална позиција.

Колку што е нецивилизирана, неевропска и безумна оваа политичка и псевдонаучна интерпретативна стратегија зад којашто, за жал, застана и елитниот дел од бугарските научни институции, колку што е штетна за Македонија ако си допушти да ја приопшти како своја, толку е штетна и за самата Бугарија, конечно и за имиџот на ЕУ и нејзиниот систем на вредности.

Овој меморандум е облик на официјален говор на омраза. Нема ни трага од дипломатичен дискурс кој е сугестивен и имплицитен.

Бугарија покажува повредена суета, хегемонистичка логика и се движи по рабовите на разумот. Наместо да го препознае својот државен интерес во безусловна пријателска поддршка на Македонија, наместо да се ослободи од опсесивната заблуда дека Македонците се Бугари, Македонија – географски поим, македонскиот јазик западна норма на бугарскиот јазик, македонската нација вештачка творба, без историски корени, и на тој начин да создаде услови за слободна и хумана комуникација меѓу бугарскиот и македонскиот народ, Бугарија се служи со шовинистички стратегии.

Културно неудобно е да се коментираат парадоксите на бугарскиот политички ум. Насетувам сценарио кое го обновува архетипот divide et impera (раздели па владеј) кое не е добитна комбинација во никој случај.

Македонскиот јазик е автохтон на македонската географска територија и претставува матрица на старословенскиот јазик, македонскиот народ е домороден на овие територии, блискоста на сите словенски јазици според Јакобсон во 9 век била толку голема што словенските народи се разбирале меѓусебно и сите имаат своја историја, своја автономија и свој дијалектен систем, па и македонскиот.

Не може Бугарија да биде засегната по ниедна основа затоа што Македонија не негира ниту еден аспект од нејзиниот идентитет и историја. Не може македонскиот народ да има бугарски карактер, кога се знае дека од 17 век наваму македонската емиграција станува составен дел на бугарската современа нација.

Недолично е за демократски систем да врши принуда врз странци при добивање пасош и државјанство да се изјаснуваат дека се по род Бугари, или Грци. Токму тоа го прават нашите соседи. Не може една земја да присвојува револуционерни херои кои се бореле за слободата и автономијата на други земји (Гоце се борел за Македонија).

Едноставно нема логика. А кај што нема логика има безумие, за жал. Апелирам до сиот бугарски естаблишмент и елита да го осуетат спроведувањето на овој Меморандум. Би сакала да се нормализира дијалогот и комуникацијата меѓу нас, оти тоа е наш заеднички интерес.

SHARE