За седум работни дена, доколку нема дожд, треба да заврши поставувањето на заштитната мрежа на автопатот Миладиновци-Штип, во должина од 47 километри, вели директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов за МИА.

Непоставената заштитна мрежа во должина од 30 километри на потегот од Свети Николе кон Миладиновци, пред околу два месеца го одложи пуштањето во употреба на автопатот со кој треба да се скрати патувањето од Скопје до Штип за околу 30 минути.

Китанов тврди дека се отстранува и последната пречка за пуштање на автопатот. Првично по него ќе се вози со времен режим во близина на натпатникот кај Свети Николе каде што треба да се градат спојници, исто како што сега се одвива сообраќајот на делот од автопатот кај Кадрифаково.

Паралелно ќе се работи на изградба на 10-ина сервисни патишта што претходно не биле предвидени. За тие активности веќе е објавен тендер што треба да заврши на 2-ри следниот месец, а со него се опфатени и работите за натпатникот кај Свети Николе.

Дополнително во тек на летото ќе стартува изградбата на двете планирани патарини, кај Кадрифаково и кај Свети Николе. И во тие делови во тек на изградбата што се очекува да трае околу половина  година  исто така ќе има времен режим.

Извор:МИА

SHARE