Ако треба да се разболите од корона, сега е најдобро, тврди српски пулмолог!

Бранимир Несторовиќ, пулмолог и член на српскиот Кризен штаб, оцени дека коронавирусот сега е „релативно слаб“, дека е помал процентот на тешки случаи и дека постојат луѓе отпорни на вирусот.

„Ако треба да се разболите, најдобро е сега кога вирусот е релативно слаб. Сега е многу помал процентот на пациенти во тешка состојба. Кога ќе го погледнете ‘Ворлдметерс’, ќе видите дека тешки случаи има само еден отсто. На почетокот беа 81 отсто. Луѓето беа затворени и тоа беше добро, бидејќи многу помалку се разболуваа. Но, не стекнаа колективен имунитет. И сега е објавено дека, за среќа, не е потребен голем процент за колективен имунитет – Англичаните велат дека тоа е приближно 43 отсто“, вели тој за српски „Телеграф“.

„Минатата недела се објавени два труда и податоците велат дека 60-70 отсто од луѓето се во стартот резистентни. Тоа се младите жени, оние кои работат со деца, бидејќи во суштина децата ги имаат тие други корона вируси и тоа им дава заштита. Швајцарците направија голема студија и кај нив 60 отсто од луѓето имале вродена резистенција“, додава Несторовиќ.

Тезата на Несторовиќ за слабеењето на вирусот е целосно спротивна на таа од Светската здравствена организација (СЗО), чиј генерален директор Тедрос Гебрејесус изјави дека „најлошото допрва доаѓа“.

SHARE