Српскиот претседател Александар Вучиќ се сретна со градоначалникот на Прешево, Шќиприм Арифи, кој во името на партиите на Албанците во Србија му достави неколку барања за учество во новата Влада.

„Денеска на претседателот Вучиќ јасно му ја ставивме на знаење положбата на Албанците во Прешевската Долина. Овој пат поинаку. Ако сака да му покаже на светот колку се европски како народ, сега е време тоа и да го докаже. Нема повеќе зборови. За ние Албанците да станеме дел од Владата, ги бараме следните услови: 1. министер на Министерството за локална самоуправа, 2. помошник министер за економија, 3. државен секретар во Министерството за образование. 4. претседател на Координативното тело на Владата на Србија за Прешево, Медвеѓа и Бујановац. Чекаме одговор!“, објави Арифи на Фејсбук.

Коалицијата „Албанска демократска алтернатива – Здружена долина“ на неодамнешните избори кај северниот сосед доби 26.437 гласови или 0,82 проценти, кои ѝ донесоа три пратенички места во Собранието со 250 места.

Српската напредна странка (СНС) освои 188 мандати, повеќе од доволно за самата да формира влада.

SHARE