Албанската мафија во Италија како „Коза ностра“

Тиранската телевизија Ора њуз пренесува делови од Извештајот за состојбата со криминалот во Италија според кој „албанскиот организиран криминал е потврден како еден од најактивните во Италија и е поддржан од слични криминални групи активни во Холандија, Белгија, Австрија, Велика Британија, Германија и Шпанија“.

Според извештајот, албанскиот организиран криминал во Италија се раширил речиси низ целата национална територија, а албанските криминални групи се занимаваат со шверц на дрога, нелегална миграција и проституција.

„Способноста на Албанците во трговијата со дрога им дава важна улога во однос на другите криминални организации и тие претставуваат привилегиран канал за снабдување со дрога за некои италијански мафијашки групи, благодарение на бројните врски и мрежа што ги поседуваат во соработката со други Албанци во Јужна Америка, Холандија, Шпанија, Турција и Англија, стои во извештајот.

Во извечтајот се потенцира дека Албанија е производител на марихуана и транзитна земја за хероин увезен од Централна Азија и Авганистан за пазарот на Централна Европа, преку т.н. балканска рута.

„Албанските криминални групи поседуваат способност за криминал како калабриската мафија Коза Ностра со која имаат соработка. Тие соработуваат и со мафијашката фамилија Маце е Сантапаила-Ерколано, а редовни врски одржуваат и со Албанци во разни земји во светот реализирајќи транснационален шверц на дрога“, се констатира во извештајот.

Исто така, во документот се посочува дека покрај трговијата со дрога, албанската криминална активност во текот на првите шест месеци од 2019 година вклучувала и проституција и криминал против имот, како што се грабежи, закани и изнуди.